Денес се одржа конференцијата “Како понатаму? Реформите на јавната администрација по јунскиот Европски совет”, завршен настан на европскиот проект “Граѓанска алијанса за транспарентност” имплементиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија и Евротинк – Центар за европски стратегии.

На конференцијата учествуваа владини функционери, амбасадори, претставници на делегацијата на ЕУ, граѓански организации и новинари кои дадоа осврт на состојбата, но и за можностите и предизвиците во реформата на јавната администрација, особено по јунскиот Европски совет.

Амбасадорот на Франција, истакна дека реформата на јавната администрација е многу важен дел во процесот на пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ. Амбасадорот беше категоричен дека и покрај добрата оцена за земјата во извештајот на ЕК, Република Северна Македонија треба активно да работи на суштински реформи и да се справи што поскоро со корупцијата која е особено видлива во администрацијата.

Тој ги поздрави заложбите на Министерот Дамјан Манчевски, кој посветено работи на реформите, но ги потенцираше предизвиците кои МИОА и целата Влада во наредниот период треба да ги надминат како што се потребата за суштински, квалитативни, а не квантитативни реформи како и професионализацијата на администрацијата наспроти постојната состојба на партизација администрацијата.

Францускиот амбасадор Тимоние предизвика шок во Холидеј Ин со својот настап во кој практично како да најави дека нема да добиеме датум нити во октомври:

- Што сте запнале со тој датум? Па имате толку многу проблеми. Во Струга градоначалникот се однесува скандалозно, УНЕСКО ќе ви го одземе статусот на Охридско Езеро, имате толку многу корупција, се менуваат директори на школи на дилетантски начин, блесаво е да барате датум за преговори овој период, имате толку многу проблеми, ќе треба уште да работите за да бидете спремни за датум, чудна ми е таа ваша опседнатост со датумот! Ние не треба да ве оставиме изолирани без пат кон ЕУ но не треба ниту да ви прогледуваме низ прсти.

На ова модераторот Васко Попетрески го праша:

- Добро ако ние не сме спремни, како тогаш Србија преговара, а владее режим на Вучиќ, како Црна Гора преговара кога немало политичка промена на власта 30 години?!

На тоа Тимоние одговори дрско:

- Епа еднаш се изглупиравме, по втор пат нема да се изглупираме. Тезите дека еве ќе почнеме преговори па после додека преговараме ќе се реформираме не држат. Нема да се случи тоа разберете, имате многу проблеми и не треба да се правиме слепи пред нив.

По својот говор, Тимоние на сред конференција стана и ја напушти салата во Холидеј Ин.

Дамјан Манчевски, Министерот за информатичко општество и администрација истакна дека датумот за преговори, не треба и нема да влијае на реформите на јавната администрација, а плановите на МИОА и овој јунски Европски совет нема да ги одложи.

Министерот нагласи дека МИОА продолжува и со проектот со дигитализација но и со работата на Закон за висока раководна служба се работи на механизми за избор на раководна служба кои ќе овозможат за граѓаните да се сигурни дека секој кој ќе биде избран за јавна служба ќе биде навистина соодветен за таа позиција и дека не е политиката главна во изборот на таа служба. Ја оцени соработката со граѓанското општество како неопходна поради експертизата со која располагаат граѓанските организации. Според него, во наредниот период, еден од поголемите предизвици за МИОА е хоризонталната координација односно меѓу-институционалната соработка во функција на реформа на јавната администрација, како и промената на перцепцијата на граѓаните за работата на администрацијата.

2,495

Најчитани вести