Македонија не го доби најавуваниот датум за преговори за пристапување во ЕУ во јуни, а следното ветување е за октомври. Забележително е дека во ЕУ, особено Холандија и Франција, тврдат дека оценката за датум треба да се темели на следење прилики во Македонија и Албанија - заедно, како еден случај.

Што е тоа што толку силно ги врзува и поврзува Македонија и Албанија за да бидат третирани како еден случај? Помеѓу останатото - корупцијата и трансферот на дрога!

Во исто време, секако не случајно, се објавуваат телефонски разговори за организиран криминал и корупција во власта, засега само за ДУИ, и за корупција и организиран криминал во Албанија. Првите, за Македонија, на Фејсбук масовно ги објавува извесен Ел Чека и симптоматично е што Фејсбук не го запира објавувањето ниту му го затвара профилот после пријавата иако тоа во вакви случаи за Фејсбук е стандардна процедура.

Германски Билд, од друга страна, паралелно објавува телефонски разговори на албанскиот премиер Еди Рама за негова соработка со мафијата, нарко дилерите, нарачки до обвинители и судии, купување гласови за избори и партиски рекети... состојба која ја гледаме и во Македонија, особено кога се работи за поддршка на СДСМ од страна на разни албански криминални и нарко кланови од Скопје и околината кои за заштита испорачуваат гласови за потреби на СДСМ на изборите.

Во Европската унија, но и во САД, решиле да стават крај на политичкиот сојуз на властите и нарко дилерите во Албанија и Македонија, а дури потоа може да се разговара за политичките теми и датуми за преговори со ЕУ. 

ВЕЧЕР ДОЗНАВА дека во Солун имало средба и консултации помеѓу американската агенција за борба против трговија со дрога - ДEА и македонската полиција. Анализирана е ситуацијата со нарко дилерите, особено оние лоцирани во Арачиново, Грчец и неколку други места во земјава, и разработен е план за акција.

Од македонска страна формиран е посебен стручен и доверлив тим кој работи самостојно, без влијание од владата, а предводен од началникот на секторот за организиран криминал Лазе Велковски и неколкумина искусни оперативци на МВР кои се постојано на линија со американската ДИА. Нивна задача е до октомври во Македонија да се разбијат и поапсат шефовите на македонските нарко кланови, а паралелно со тоа се организира и слична акција во Албанија која, засега, не дава очекувани резултати пред се затао што власта на премиерот Еди Рама ги попречува истрагите и акциите. 

Акцијата против овој вид организиран криминал во соработка со ДИА секако ќе влијае и на политичките прилики во Македонија бидејќи нарко клановите имаат влијание и врз македонските избори по системот на заштита за нивните активности, а за возврат тие за политичкиот партнер испорачуваат гласови од албанските етнички средини.

8,173

Најчитани вести