Викендов се навршуваат точно 70 години од тогаш подготвената, топ-доверлива информација на директорот на ЦИА, упатена до највисоките американски државни инстанци, во врска со македонското прашање на Балканот. Документот ги содржи контурите од договорот за формирање семакедонска држава, како посебен дел од другите народи на Балканот, а која ќе ја опфаќа целата територија на Македонија

„Нова Македонија“ дојде до ексклузивниот доверлив извештај од архивата на американската разузнавачка служба ЦИА, кој сега е декласифициран, но факсимилот од него е во прилог. Извештајот содржи пет исклучително интересни точки, каде што висока делегација на тогашната Југославија, на заедничка средба со највисоки претставници од ВМРО, договараат заемна поддршка на заедничкиот проект, за кој ќе склучат и писмен договор, каде што Македонците како засебност би биле поддржани во конечното формирање семакедонска држава. Во извештајот на крајот се загатнати и перспективите на таа држава, кои би биле вметнати како клаузула на договорот.
Имено, содржински, документот е интересен од повеќе аспекти.

Од него дознаваме дека во текот на март 1949 година во Анкара, Турција, се одржала средба помеѓу претставниците на Југославија и делегација на ВМРО, предводена од Иван (Ванчо) Михајлов, долгогодишен водач на споменатата организација. На оваа средба, Михајлов побарал и добил писмен договор од југословенската страна, барањето се однесувало за формирање „независна македонска држава“ и на каков начин југословенската држава можела да ја помогне таа замисла. Според договорот, Југославија ја прифатила идејата за создавањето одделна и независна држава на македонскиот народ и се согласила дека ќе ги направи сите дипломатски напори за меѓународно прифаќање на оваа замисла, вклучувајќи и „влијание врз јавното мислење во Грција, Бугарија и Југославија во корист на овој план“. Југословенската страна се обврзала во текот на две години, од склучувањето на договорот, да ја финансира ВМРО на Ванчо Михајлов.

Ако внимателно се анализира овој дел од извештајот, очигледно е дека Југославија ја препознала македонската засебност и издвоеност од другите балкански народи, но според тогашниот историски контекст, тогаш Македонците влегле политички и национално оформени со свој државен ентитет како република под името Народна Република Македонија во составот на тогашната Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ). Од друга страна, и ВМРО тогаш на чело со Ванчо Михајлов, истакнувајќи ја таа засебност на Македонците, во име на ВМРО, се согласила да престане со сите антијугословенски активности и да агитира за „независност меѓу Македонците во Бугарија“. Михајлов исто така ветил дека ќе се обиде да ги придобие „симпатиите на Македонците во Бугарија и во Грција“, во корист на Југославија.
ВМРО од своја страна се обврзала да ја стави на располагање сопствената разузнавачка служба што била активна во Романија, Бугарија, Грција и во Албанија на располагање на Југославија. ВМРО исто така се согласила, во случај на воен судир, да им нареди на македонските чети да дејствуваат со југословенските сили.
Југословенската страна се обидела да издејствува клаузула во договор, според која семакедонската држава ќе можела да се изјасни во корист на балканската федерација, меѓутоа ВМРО го одбила предлогот и решавањето на ова прашање било оставено за во иднина.

Според договорот, двете преговарачки страни се согласиле владата на семакедонската идна држава требало да биде „демократска“, ниту про ниту антикомунистички настроена. Овој дел бил особено важен за американската разузнавачка агенција (ЦИА).
За издвојување е дека двете страни склучиле одбранбен сојуз, меѓутоа било предвидено дека ќе престане да постои, доколку во иднина Југославија се обиде да влијае во внатрешните работи на македонската држава.

Документот исто така е интересен во поглед на констатираниот одделен, засебен и посебен македонски национален супстрат. Уште повеќе, американската администрација оперира со податокот дека го потврдува постоењето на македонскиот народ во рамките на грчката и бугарската држава. Тогашниот југословенски претседател Јосип Броз-Тито бил во тек со сите овие настани и ги одобрувал, но во врска со тоа „Нова Македонија“ истражува уште еден документ, од каде што ќе се фрли ново, дополнително светло на тогашните историски околности и премрежиња на Балканот.

14,574

Најчитани вести