За жал, расправата за Гоце Делчев во јавноста навистина доби една драматична димензија, што, всушност, секогаш се случува кога се отвораат вакви чувствителни прашања, вели во интервју за Дојче Веле историчарот Драги Ѓоргиев, кој е претседател на македонскиот тим во Заедничката комисија за историски и образовни прашања.

-Историските факти и документи се едни и исти и за македонската и за бугарската историографија. Писмата што ги пишувал Гоце Делчев или она што го пишувале другите до него и за него, е едно и исто и за двете страни. Она што е различно е толкувањето на тие факти и документи. Очигледно, во таа архивска документација и двете историографии наоѓаат аргументи во однос на идентитетот, не само на Гоце Делчев, туку и на други важни личности од тоа време. Кога се зборува за кој било историски период, а особено за период кој политички, верски и културно е крајно хаотичен, и кога тоа се случува во едно општество какво што било османлиското, недозволувањето на поинакви толкувања на одредени процеси и тврдењата дека постои само една вистина, е нешто околу кое треба да се биде внимателен – вели Ѓоргиев.

Според него, бугарската историографија не прифаќа македонска етничка содржина на терминот Македонец, не само во тој период, туку и подоцна.

Според неа, тоа е „регионим“, и терминот „Македонец“ има само географска припадност, но не и етничка. И синтагмата „македонски народ“ според таа историографија се однесува на сите што живеат на територијата на Македонија во тоа време, меѓу кои најбројни се, се разбира, Бугарите. И овде повторно доаѓа до судир во толкувањата на тие термини. Во писмата на Гоце Делчев се среќаваат и терминот „Македонец“, и терминот „Македонка“, и синтагмата „македонски народ“, и се разбира објаснувањето и толкувањето е различно во двете историографии. Но, овде сакам да истакнам дека од огромна важност е да се има предвид уште еден важен и силен идентитет присутен во тоа време, а тоа е македонскиот политички идентитет. Тој политички идентитет, покрај регионалниот, бил присутен и кај Гоце Делчев, но и кај другите револуционери од Македонија во тоа време. Несомнено тој идентитет е дел од нашиот национален наратив како основа на денешната независна македонска држава, но тој може да се смета и како преднационален македонски идентитет – објаснува тој.

Македонскиот историчар вели дека потребно е да се организираат дебати за овие чувствителни прашања, каде отворено ќе се разговара во однос на овие историски контроверзи.

222

Најчитани вести