Заев владее со државата, но не владее со ситуацијата. Кормилото е во негови раце а бродот е со тешки хаварии. Пред потонување, а на бродот сме сите – и неговите, и ние другите.

 

Човекот, едноставно, не е формат за капетан на брод. Дипломатите и Албанците му ја дадоа власта за да заврши проекти кои се битни за нив, а штетни за нас, и сега без нивна контрола тој е лик кој залутал во високата политика, предмет на потсмев не само дома, туку и низ Европа. Последната негова изјава дадена во Вахау во Австрија, пред широка европска публика, дека „Европа е најсексипилна девојка“ е од оние изјави по кои не знаеш дали да му се смееш, или да го плачеш.

 

За белгиски и германски медиуми дава изјави дека Европа ќе влезела во криза ако не ни дале датум за преговори во јуни, по што Макрон и Меркел се вознемириле и исплашиле до толку што сега се на долга терапија со диазепами. До септември. Па, влезен во македонскиот филм дека може да збори што сака, а да нема последици, изјави дека тој знае како Груевски избегал од Македонија - се скрил во гепек од автомобил и заминал за Албанија.

 

Ако тоа го знае, тогаш знае и во која кола влегол, кој е возачот... Доволно за истрага и судење за соучесништво во бегањето на Груевски. Но, такво нешто нема. Тогаш, која е намената на вака лесно даваните изјави со тешки политички последици.

 

Има две причини. Првата е што СДСМ нема никакви, ама баш никакви економски и реформски резултати и се обидува со вртење кон други теми да се пренасочи вниманието на јавноста кон естрадни забави, афери, нарачани апсења и судења, смутови и интриги интересни за таблоидите. Една од тие теми за вртење на вниманието на јавноста е и драмолетката околу добивање датум за преговори за влез на Македонија во ЕУ.

 

И покрај сите уверувања од страна на власта дека веќе сме добиле датум за преговори само не сме свесни за тоа, излезе дека датум нема. Нема, ама ќе го има во јуни. Еве, го нема ни во јуни, па сега се најавува за септември, октомври... до Нова година – гарант. Еден ден ќе добиеме – датум за датум на преговорите.

 

Не добивме датум за почеток на преговорите – и што сега. Живееме исто како и пред тоа, а ќе живееме исто под оваа власт и ако еден ден добиеме датум за почеток на преговорите. Што значи, никаква важност за нашите животи нема фактот дали сме добиле или не датум за преговори со ЕУ, се додека имаме состојба предизвикана од вакво владеење на СДСМ.

 

А таа состојба е дека нема инвеститори, имаме постојано зголемување на даноци, платите не растат а пензиискиот фонд е пред уривање по што и пензиите стануваат неизвесни, обвинителства и судови кои гонат само политички противници на СДСМ, корупција до плафон, здравство кое нема лекари ама државата има пари за нови 600 полицајци, нема бенефиции за земјоделците чии производи потоа се скапи за извоз па мораат да ги фрлаат јаболките и праските во ендеци... Значи, состојба на беда која расте секој ден. Тоа датум за преговори не може да го смени.

 

Имаме најдлабока политичка и етничка поделба во општеството уште од 1990. до денес. После тиранската платформа нетрпеливоста помеѓу Албанците и Македонците е поголема дури и од времето на вооружената агресија од Косово во 2001. година. Поделбата меѓу самите Македонци по насилната промена на уставното име, продавањето на идентитетот на Грците а историјата на Бугарите е до ниво на инциденти. Северџаните го поддржуваат Заев што и да каже, било што да одлучи но, и нивните фрижидери се празни, платите мали, децата им се препуштени на улицата а срамот заради Заев станува се поголем, неиздржлив.

 

СДСМ и Заев се обидуваат да ја релативизираат состојбата со пропаганда. Под контрола им се речиси сите телевизии, весници и невладин сектор кој го плаќаат од наши, заеднички државни пари. Забеганоста на нивните пропагандисти оди до таму што јавно ги посочуваат за рекет нивните медиуми. Но, пропагандата не е семоќна. Од сите медиуми и невладини кои се во нивниот камп, платени лани околу 20 милиони евра од кои 10 само од Фондот за иновации, од сиот тој куп зависници можеш да издвоиш само три-четири писмени новинари кои им вршат работа: Бранко Геровски, Јадранка Костова, Снежана Лупевска и Сашо Орданоски. Се друго им е обична боранија без значење, влијание и идентитет.  

 

Не помогнаа ни милион евра од буџетот платени за лубриканти, или подмачкувачи за безболен секс за потреби на геј заедницата. Милион евра.

 

Колку криминали беа дозволени за создавање и богатење на нивната 1ТВ и газдите на кои им се простува дури и шверц на брендирани папучи и машки хеланки. Собраа куп скапо платени комуњарски новинари на едно место, а најголема ѕвезда на телевизијата им е – фризер. Па ти сега види која е вредноста и влијанието на таа скапа пропагандна машина.

 

Машината е зарибана. Не функционира. Кога се тиранизираше Македонија некако во заднина помина фактот дека Заев и Никола Димитров прифатиле, се договориле, дека судбината на Македонија за датум за преговори се врзува со Албанија која е во хаос, во пакет. Како да сме федерација или унија, а тоа никој се уште не ни го кажал.

 

Потпретседателот на ВМРО, Александар Николовски, уште лани пишуваше дека Заев и Еди Рама се договориле Македонија и Албанија заедно, во пакет, да бараат датум за преговори за влез во ЕУ. Овие сознанија на Николовски владата на СДСМ ги демантираше и напаѓаше, дури и навредуваше дека Николовски тоа го сонувал, и нема врска со вистината.

 

Арно ама, не помина ни година дена, сонот на Николовски стана јаве и ноќна мора на Заев, Димитров и Стево Пендаровски. Кошмар за сите нас. Како што е кошмар откако дознаваме дека владата е подготвена да прифати дека Гоце Делчев и илинденците биле Бугари, а илинденското востание било за бугарски интереси.

 

Сега Пендаровски бара тој договор за пакет да се поништи, но од Тирана и Приштина стаса опомена дека тие го донеле на власт него и Заев, и дека имаат обврски кон нив.

 

Да заклучиме: нема никаква важност дали сме или не сме добиле датум за преговори, ниту ќе има кога евентуално ќе го добиеме. До (не)можен влез во ЕУ не делат барем десет години, а тоа е долго време кое многумина тешко ќе го преживеат под вакви услови.

 

И, на крај, втората причина за неодговорното однесување и изјави на Заев како онаа дека знаел како избегал Груевски, ама до денес не сакал да ни каже.

 

Заев е опседнат со Никола Груевски. Се надеваше дека со доаѓањето на Мицковски на чело на ВМРО неговата партија ќе успее, конечно, да издоминира над ВМРО но, му се случи нокдаун уште во првата рунда. Три-четири ТВ дуели покажаа дека Мицковски е до толку доминантен над Заев што СДСМ и Заев сега бегаат од ТВ дуели. Затоа, Заев се сврте кон Груевски како омилена тема за напаѓање, со надеж дека таму ќе добие компензација за неуспесите против Мицковски. Но, таму начека на уште потврдо.  

 

Прозивањето на Груевски од страна на СДСМ и Заев е тука секогаш кога тие се во криза. Арсим Зеколи, поранешен амбасадор и аналитичар по повод оваа изјава на Заев на Твитер објави: 2.300 лајкови за постот на Груевски за 2 часа, и тоа среде лето. Груевски не е заминат, Груевски е привремено отсутен – пишува и заклучува Арсим Зеколи.

 

Губиме држава, идентитет, нација, историја, иднина, економија... ама барем ни е забавно. За жал, се забавуваме и играме околу сопствената куќа која ни е во пламен.

 

(17.06.2019)

2

Најчитани вести