Loading..

Kако дел од пошироката јавна презентација на работата на Владата во изминативе две години, вицепремиерите, Бујар Османи и Радмила Шекеринска, заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, вечерва беа дел од емисијата „Патот кон“, на Алсат-М телевизија, информираат од владината прес-служба.

Вицепремиерот за европски прашања Османи во рамки на емисијата изјави дека денес во Берлин добиле цврсто уверување од канцеларката Меркел дека германскиот Бундестаг ќе го разгледа извештајот на Европската Комисија на сесијата во септември и ќе ѝ обезбеди зелено светло на Владата да ја поддржи препораката за старт на преговорите со Република Северна Македонија.

„Канцеларката Меркел го потврди ставот кој веќе претходно го пренесоа и Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, но и Високата претставничка на ЕУ, Могерини, Еврокомесарот за проширување Хан, известувачот Вајгел итн. Сите го потврдуваат ставот дека Република Северна Македонија претставува светла точка на Балканот, пример за тоа како се градат односите со соседите, пример за тоа како се затвораат и внатрешните прашања, како се негуваат стабилни меѓуетнички односи, но и пример за тоа како се испорачува реформски напредок. Според тоа, ставот кој сите го повторуваат е дека земјава ги испорача обврските и поради тоа ќе ги започне преговорите со ЕУ годинава“, истакна Османи.

Во слична насока говореше и министерот Димитров, посочувајќи на кредибилноста на ЕУ во своите најави.

„Не постои земја, државник, министер за надворешни работи кој не го поздравува Договорот од Преспа, но и очигледниот напредок на земјава на сите полиња и со оглед на содржината на Извештајот на Европската Комисија, Европската Унија и практично се наоѓа во ситуација да си го одржи својот збор за старт на преговорите со Република Северна Македонија“, посочи Димитров.

Вицепремиерката Шекеринска потенцираше дека земјава не направила ниту една грешка и не оставила ниту еден аргумент на скептиците.

„Треба да се гордееме што за отворањето преговори со РСМ има консензус, ниту еден европски политичар не најде оправдување за одлагање на преговорите со РСМ. Тоа е првата порака од Меркел и германските пратеници кои ни беа во посета“, нагласи Шекеринска, посочувајќи дека слична скептична атмосфера имало и пред добивањето на поканата за НАТО, а сега, како што рече, веќе има брз процес на ратификација – завршен во 17 земји членки за само 5 месеци.

извор: Makfax

Најчитани вести