Банките на граѓаните во просек им одобруваат по речиси 674 илјади евра нови кредити секој ден. Каматните стапки се намалуваат, а домаќинствата се повеќе се задолжуваат.

Македонецот сѐ позадолжен

Просечниот Македонец должи 1.249 евра и за една година се задолжил за дополнителни 118 евра.

Банките на граѓаните во просек им одобруваат по речиси 674 илјади евра нови кредити секој ден. Вкупните долгови на домаќинствата за една година пораснале за 246 милиони евра и достигнале 2 милијарди и 592 милиони евра.

Според последните податоци на Народната Банка, заклучно со април, домаќинствата на банките и штедилниците им должат 1 милијарда и 453 милиони евра како денарски кредити и 1 милијарда и 139 милиони како кредити со девизна клаузула. Од овие пари 61.4 милиони евра се водат како сомнителни и спорни побарувања.

Раст на вкупните кредити

Вкупните кредити, оние одобрени и на граѓаните и на компаниите, во април достигнале 5 милијарди и 307 милиони евра. Од нив 3 милијарди и 157 милиони се денарски, а 2 милијарди и 150 милиони се девизни. Вкупните сомнителни и спорни побарувања достигнуваат 273.4 милиони евра.

Пад на каматните стапки

Во април, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5.23%, со што продолжи трендот на намалување. За еден месец таа паднала за 0.03 процентни поени а за една година за 0.42.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во април била 4.71%.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор во април изнесувала 4.52%.

Граѓаните и компаниите и должат и на државата

Граѓаните и компаниите и должат и на државата. Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави најновата листа на должници.

Заклучно со крајот на мај УЈП побарува 145 милиони и 450 илјади по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

За еден месец вкупните побарувања се зголемиле за 3.9 милиони евра.

На последната листа повторно има јавни и државни претпријатија, приватни компании, како и физички лица.

Над 230 илјади блокирани сметки

Според најновите податоци на Народната Банка заклучно со 31 декември 2018-та во Македонија имало 82.029 граѓани со блокирани сметки. Во споредба со 31 декември 2017-та нивниот број е зголемен за 1.567. Во истиот период имало 29.027 компании со блокирана сметка што е намалување за 1.238.

Но, бидејќи и граѓаните и фирмите најчесто имаат по неколку трансакциски сметки вкупниот број на блокирани сметки е многу поголем и заклучно со крајот на мината година бил 236.764.

Извор: Денар

1

Најчитани вести