Агенцијата за пошта повторно ќе препорача целосна либерализација на поштенскиот пазар во државава, со тоа ќе се сруши монополската позиција на Македонски Пошти, што е една од забелешките во Извештајот на ЕК за оваа област, од каде препорачуваат регулаторното тело да продолжи со јакнење на административнте капацитети, а властите да ја почитуваат неговата независност.

Со либерализацијата на поштенскиот пазар, се очекува намалување на цената на услугите како и зголемување на квалитетот, но ќе придонесе и за поголема доверба во услови кога државниот монопол “Македонски пошти” , каде раководи ДУИ е честа мета на грабежи и лоши услуги.

Либерализацијата на пазарот беше одложена во четири наврати. Последното одложување беше со законската измена и важи до 1 јануари 2020 година. Агенцијата за пошти во континуитет ќе остане на ставот дека либерализацијата мора да се случи, изјави денеска за МИА директорката на Агенцијата за пошти Билјана Аврамовска Ѓореска.

Според неа, Македонска пошта се подготвува за претстојниот процес на целосна либерализација.

Имаме одлична соработка со Македонска пошта и ќе почнеме да работиме на усогласување за измени на Законот за поштенски услуги каде што ќе ги имаме во предвид сите недостатоци и потреби што произлегуваат од секојдневното работење. На добар пат сме да направиме добро и за пазарот и за сите даватели на поштенски услуги, рече директорката на АП.

Таа потенцираше дека Агенцијата за пошти работи и на забелешките од ЕК за потребата од зајакнување на административните капацитети, како и за усогласување на домашното со законодавството на ЕУ, активности што се спроведуваат преку тековниот твининг проект со ЕУ.

Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, претставувајќи ги предизвиците за поштенскиот сектор во државава од Извештајот на ЕУ потенцираше дека претстојат уште многу активности за целосно либерализирање на поштенскиот пазар.

Препораките се дека пазарот треба да биде либерализиран до 1 јануари 2020 година, а тоа е датум што веќе тропа на вратата. Македонска пошта односно назначениот поштенски оператор за унвиерзална услуга мора да воведе посебно сметководство и пресметување на нето трошоците за воопшто пазарот да биде либерализиран. Истовремено властите мора да ја почитуваат независноста на Агенцијата за пошти и да се зајакнат административните и регулаторните капацитети на ова тело, изјави Бертолини.

Состојбите на поштенскиот пазар се дел од темите на пленарниот состанок на Европскиот комитет за поштенска регулација, што се одржува денеска и утре во Скопје, а чиј домаќин е Агенцијата за пошти.

41

Најчитани вести