Снежана Караџовска од Скопје, која пред скоро три години настрада во тешка сообраќајна несреќа во Турција при судир на туристички автобус од Македонија и турски камион, остана без нозе. Таа и до сега упатуваше апел до власта, министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев, сега напиша отворено писмо.

Во продолжение отвореното писмо до Заев.

Почитуван премиер, Зоран Заев

Се осмелив да Ви пишам читајќи го постот на Вашиот ФБ од 23.04.2019 година, иако имав голема причина тоа да го направам и до сега.
Цитирам : Ако сте функционери не сте над законот и народот.

Ви се обраќам со надеж дека ќе ја разберете мојата ситуација како специфична и ќе дадете се од себе да успеам во мојата намера повторно да застанам исправена и да можам да се грижам сама за себе.
Но и дека навистина функционерите и законите ќе бидат во функција на народот.

Пред скоро три години во сообраќајна несрека во Турција, автобусот во кој бев патник удри во камион.
Во таа несреќа јас ги изгубив двете нозе над колена, имав скршена рака, напукнато ребро, дупната
плуќна марамица и неколку шиеници на главата. Првото нешто што ми падна на памет, од кога се разбудив после операцијата беше, се случи што се случи, животот мора да продолжи, сега е 21 век има современи протези, ќе научам да одам.

Ампутацијата е сериозна физичка и психичка состојба, како за мене така и за моето семејство.
Свесна сум за фактот дека сум лице со попреченост и дека тоа ќе бидам до крајот на животот, за ограничените можности дури и од кога ќе проодам со протези.
Но знам дека нема да чекам некој друг да ми прави нешто што би можела сама,односно да се грижам за себе.

Всушност тоа е основно човеково право и едно од начелата на Конвенцијата за правата
на лица со попреченост, за кое кај нас многу се зборува, но во пракса не се применува или само во одредени случаеви.

Од моето отпуштање на домашно лекување од ТОАРИЛУЦ каде што лежев три недели до ден денешен јас не добив соодветна здравствена заштита и грижа како пациент. Ова одговорно го тврдам и се однесува само за мојот случај за кое имам и докази.

Секако формата е присутна, но суштина нема.

Пред да објаснам за што точно станува збор сакам да укажам на фактот дека иако системот, законите на
Фондот за здравство не им овозможува во многу случаи на докторите да се однесуваат професионално и хумано, некои од нив му се спротивставуваат на тој систем и делуваат по своја професионална волја и во интерес на пациентот.

Тие доктори ја прикажуваат реалната фактичка состојба на пациентот и налагаат лекување соодветно на потребите на пациентот без при тоа да не мислат колку тоа чини. Од друга страна имаме доктори кои повеќе работат по правилникот и законите на Фондот за здравство немислејки воопшто за здравјето на пациентот туку само на тоа колку тоа чини.

Почитуван премиер, нема да навлегувам во деталите, иако тие детали кои се ужасни, всушнот ја создаваат
целата слика на нашето општество, односно функционирањето на системот и институциите.
По две години од моето неуспешно лекување, имав само 15 дневна обука со несоодветни протези, а не вистинска рехабилитација. Решив да поднесам барање за конзилиарно мислење.
Иако на моја штета, чекав две години, како вели законот „Да се исцрпат сите можности во државата” за да се овозможи истото.

Сите знаат дека времето ми е најголемиот непријател, освен што вежбам, морам и дополнително да лежам на стомак со вреќи песок и тегови врз карлицата за да не ми се направи контрактура на колкот и да не ми се скратат мускулите. Ако ова не го правам, тоа ке значи дека нема да можам никогаш повеќе да одам со протезипа и најсофистицирани да се.

Принудена сум сама еве скоро три години да плаќам физиотерапевт со кој вежбаме, затоа што државата ми дозволува само два пати годишно по 3 недели (15 дена) рехабилитација.

Почитуван премиер, како може конзилијарно мислење поптпишано од директор на клиника, директор на ортопедија и уште тројца, сите доктори специјалисти, доценти да не се земе во предвид, да се смета за небитно од страна на ФЗОМ.
Тие сметаат дека јас треба да одам на лекување во странство и нивното мислење гласи вака:
1. Неможност да се спроведе соодветно лекување( или некоја од фазите) на лекувањето во здравствените установи во Република Македонија поради немање на вештини знаење технички материјали и услови да се обави овој тип на оперативна интервенција, после која следи медицинска рехабилитација која исто така не се спроведува во Република Македонија.
2. Со издавање на овој предлог за упатување на лекување во странство, конзилиумот тврди дека се исцрпени сите можности за лекување во Републиката и гарантира дека се
исполнети законските предуслови за упатување на осигуреникот на лекување во странство.
Од предложеното лекување во странство се очекува да се постигне, Да се овозможи подобар квалитет на секојдневниот живот и независност во самозгрижувањето.

Центарот за ортотика и протетика Славеј АД Скопје по подолго убедување, даде едно општо мислење,
1.Сметаме дека можноста за оспособување на пациентот за независен живот би биле поголеми со користење на пософистицирани протези.
Официјално ми рекоа дека тие се задолжени само да ги изработат, а за обуката е задолжен Заводот за физикална медицина и рехабилитација, и тоа го напишаа.

Заводот за физикална медицина и рехабилитација даде мислење исто така на мое инсистирање.
Меѓу другото напишаа, пациентката рехабилитирана во овој институт стационарно и во неколку наврати амбулантски.
Во текот на рехабилитацијата е постигнато да се оформат чкунките за прием на протези.
Препишани надскелетни протези со пластично лежиште. Обучувана е да ги поставува и да ги користи протезите.
На крај е констатирано дека пациентката не е во состојба во домашни услови да ги поставува, ниту да ги користи протезите, бидејќи тоа претставува исклучителен физички
напор, посебна справа за вертикализација, постојано присуство на друго лице кое мора да е обучено во поставувањето на протезите. Пациентката се служи со инвалидска количка.

Почитуван премиер, може ли некој релевантен да ми покаже како, Заводот за физикална медицина и рехабилитација обучил некој да ги користи тие протезите, бидејќи обука е соодветниот збор што го употребила докторката. За само 15 дена може само обука на лице како мене да се даде, но не и да се научи да се оди, да се седи да се станува итн. Секаде во свет обуката за лица како мене трае 6-10 недели.
И како тоа двајца да ми ги облекуваат, двајца да ме стануваат двајца да ме седнуваат, и така цел живот?

И покрај вакви непобитни документи од соодветни доктори, конзилиум и институции како и целокупна документација, ФЗОМ во прв и во втор степен го одби моето барање да ме упати на лекувањево странство, оссеоинтеграција и рехабилитација со соодветни протези.

Во неколку наврати до различни институции до релевантни фактори напишав дека ние сме мала држава сме немале војни, па и не е страшно што сме немале потреба од такво искуство, но можеле нешто да направат јас им дадов доволно време.

Почитуван премиер Зоран Заев, ова што ви го пишувам јавно не е ни една десетина од она што јас го доживеав како пациент и лице со попреченост, од институциите.
Не сакам во детали да го опишувам нехуманиот однос на ФЗОМ но тоа е факт.

За жал пари од донации не се собираат така лесно ако и тука не стои некој позади вас влијателен.

Сега се надевам сфаќате зошто напишав дека имаме форма, но не и суштина, и дека човечкиот живот и грижа за истиот треба да биде над законите. По се ова до сега излегува дека мене не ме предвиделе во ниеден закон, а нормално не предвиделе и дека ќе немаат кранови за во базен за лица во количка. Како ми рече докторот од ФЗОМ пред некој ден, Вие пак не мора да примате хидро масажа, можете и на суво да се масирате. Па јас тоа сама го плакам три години.

Не можат, после две и пол години неуспех од нивна страна и тоа што јас им го доставував како документи, доказ, мое сведочења и после неколку пати враќање малтретирање за да им се објасни за каква операција станува збор, да ме одбијат со нешто што е невистинито. Решаваат да ме одбијат со образложение , дека таква операција се изведува кај нас, и дека не се исцрпени сите можности за лекување кај нас.

Ако знаеле и можеле, како што тврдат од ФЗОМ, зошто не навеле каде , зошто тоа не го направиле???? Кој е тимот??? Јас бев подготвена психички и физички јака, чекав да направат нешто, многу се надевав.

Барем да го ценеа приоритетот во мојот случај ќе бев среќна. Имам чувство дека играат на карта издржливост.

Поднесов тужба до Управен суд, но судот го препишал второстепеното решение од ФЗОМ наведувајки дека операција која се бара да се изведе во странство може да се изведе овде.
Уште пострашно од ова е фактот дека Управниот суд нивните тврдења ги смета за вистинити и на сметка на тие невистини ми ја одби тужбата.

Почитуван премиер Зоран Заев Ве молам да не дозволувате и по три години да ме влечат како крпа по институции, и да експериментираат со мене, да не заборавиме дека цело време имам болки. не пијам лекови поради фактот( конзилиарно мислење) дека ке одам на оссеоинтеграција во АОФЕ клиниката. ( во светот оваа операција се прави 25 години). Тимот лекари до сега имаат изведено 2000 операции.
Но исто толку важно како што е операцијата, се протезите и на крај рехабилитација стручна и во времетраење од 6-10 недели, односно до целосно осамостојување.Секое одделно не важи ништо за пациентот.

Исто така важно е да напоменам дека постои критериум кој се може да прави оссеоинтеграција.Не секој е подобен.

Почитуван премиер Зоран Заев, оваа тортура кон мене и моето семејство од страна на ФЗОМ е и премногу стресна, Ве молам да ме заштитите, дополнително да не ми се нарушува здравјето.
Од нивното решение, флоскулата, не се исцрпени сите сретства, не исцрпуваат физички психички и финансиски, само мене и моето семејство. Пекол ни го направија животот.
Зошто????? Поради фактот дека сама сакам да се грижам за себе!

Да не пласираат невистини, па судот да мора да донесува одлуки по тие невистини.
Во интерес на времето тоа да се стори најбрзо што може бидејќи доаѓа време на одмори.
По овие жештини веќе трето лето, нехумано, неетички, неморално е да ме оставите да лежам пак на стомак.
Да оствариме средба и да ви ги објаснам сите детали. Да најдеме решение, да тргнат работите во позитивна насока и јас конечно да заминам за Холандија во остварување на
мојата борба за да можам сама да се грижам за себе.

ПОЧИТУВАН ПРЕМИЕР, НЕМОЈТЕ ДА ДОЗВОЛИТЕ РЕЗУЛТАТОТ ДА БИДЕ ДЕКА ЗА ОВАА ДРЖАВА НАЈДОБРО РЕШЕНИЕ ЌЕ БЕШЕ ДА НЕ ЈА ПРЕЖИВЕЕВ НЕСРЕЌАТА!

Со почит, Скопје, 11.06.2019год.
Снежана Караџовска

1

Најчитани вести