Потпишани се договори за набавка на 15 нови инженериски машини во вкупна вредност од 138 милиони денари, со што започнува и модернизацијата на опремата за Армијата, информираше денеска министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која го посети Инженерискиот баталјон во касарната „Илинден“.

„Ова е прва инвестиција во инженериски машини во Армијата после 16 години и тоа покажува дека процесот на модернизација и опремување на Армијата е започнат, но дека тој не се однесува само на воените елементи во армијата, туку и на овој инженерски дел кој што е важен и за војската, но важен е и како поддршка на граѓаните, на државата, на општините“, рече министерката. Истакна дека изминатите години армијата повеќе пати помагаше со својот инженериски баталјон во ситуации на поплави, елементарни катастрофи, поправи мостови, изврши експлозии на карпи кои што се закануваа на локалното население.

Шекеринска додаде дека се очекува најголем дел од новите машини да пристигнат за помалку од шест месеци, а помал дел во првата половина од 2020 година.

„Членството во НАТО ќе влијае на нашата стабилност од аспект на политички или безбедносни ризици, но ќе влијае и врз нашата безбедност како граѓани и во цивилна смисла. Армијата ќе продолжи да биде институција која ужива голема доверба кај граѓаните и која навистина кога е најтешко, најмногу помага“, заклучи министерката.

извор: Makfax

2
loading...

Најчитани вести