Победата на Стево Пендаровски во вториот изборен круг е тешко заработена и на грбот на целата држава. Сметката ќе ја платат и оние кои гласале за него, а и оние кои не го заокружиле бројот 3 на ливчето. Преспанскиот договор за кратко ја фрли во сенка Тиранската платформа, но тоа не значи дека идејата за редефинирање на земјата е заборавена. Напротив.

Во желбата за освојување на претседателската фотелја, премиерот Зоран Заев се заложил да го удоброволи ДУИ да ги извади гласачите Албанци во вториот круг, кои во првиот тивко ги бојкотираа претседателските избори. За таа цел меѓу двата круга, неофицијално, Заев остварил средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети во Тетово. Шпекулации кои како појдовна точка ги наведе и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Топ Тема” на Телма телевизија.

Се погласни се шпекулациите дека помеѓу двата изборни круга имало средба во Тетово помеѓу Зоран Заев и неколку други лица на која практично се договара поддршката за време на вториот круг и каде што практично треба да дојде до еден вид на политичко редефинирање на Република Македонија, рече Мицкоски.

По средбата Заев излегол блед како крпа, а зад себе оставил потпишан договор со кој се предвидува менување на карактерот на државата.

И Мицкоски вчера побара Заев да одговори дали се точни шпекулациите дека Заев и Ахмети потпишале редефинирање на Република Македонија и исцртување нови државни граници.

Во прилог на овие шпекулации се две актуелни теми периодов – промена на изборниот модел и пописот.

Во гласачка атмосфера која не им е наклонета на СДСМ и на ДУИ, односно кога ги губат и онака десеткуваните гласачи, изборениот модел со една изборна единица, се чини, како сигурна сламка на спасот. Првиот круг на претседателските избори беше јасен показател дека без силна концентрација на гласачите, СДСМ и ДУИ не само што ќе изгубат на следните предвремени или редовни парламентарни избори, туку ќе изгубат катастрофално. Затоа, по секоја цена им е потребна една изборна единица.

Минатата недела Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски даде поддршка на иницијативaтa на неколку политички партии, не нагласувајќи кои, за реформа на изборниот модел преку измена на Изборниот законик, а во насока на создавање на пропорционален изборен модел со отворени листи и намалување на бројот на изборни единици на територијата на Република Македонија.

Тоа што го соопшти претседателот Стево Пендаровски, дека го поддржува пропрционалниот изборен модел со отворени листи, е постулат и од нашата изборна програма. Ние ова прашање го отворивме пред изборите, а и потоа неколку пати, истиот ден рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчпо Николовски, кој од неодамна е и генерален секретар на СДСМ.

Мицкоски нагласи дека можеби и ова изборно редефинирање на тие граници кое деновиве го актуализира Стево Пендаровски е дел од тој договор или новиот изборен модел ќе му кумува на тој процес со исцртување на нови граници или пак можеби се е шпекулација, но треба да за излезат и да одговорат.

Навистина жалам ако господинот Стево Пендаровски не бил информиран за таа средба бидејќи гледам дека влета во една партиско-политичка теорија којашто ја отпочна од пред некој ден или втора теза е дека го дивергираа вниманието од оној фијаско неуспех којшто им следи за неколку дена од сега, а тоа е недобивањето на датум за отпочнување на преговори – истакна Мицкоски.

Пописот, пак, што не успеа Ахмети да му го подметне на Груевски, како подмачкано се вклопува во неговиот однос со Заев. На средбата во Тетово, наводно, Заев му ветил, а потоа и потпишал во договорот, дека ќе спроведе попис на кој Албанците ќе бидат прикажани во колку што е можно поголем број, со што ќе порасне и нивниот процент на 25% и повеќе.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Топ тема предупреди дека вака како што планираат да го спроведат пописот, прават политичка трговија налик на трговијата на зелените пазари.

Заев ги отплаќа долговите од добиеното претходно, рече тој.

Мицкоски предупреди дека методологијата не е целосно усогласена со европските стандарди и дека невозможно е да се изостават некои општествени чинители, мислејќи пред сè на опозицијата, кога се спроведува толку опсежна и важна статистичка операција како што е пописот.

Според оваа методологија ќе се попишуваат сите кои имаат матичен број во Македонија, но не значи дека се во Македонија и не знаеме дали се се уште живи. На изборите имаше лица кои не се живи, а нивните имиња постоеја во избирачкиот список. Има и граѓани кои се откажале од македонско државјанство за да се стекнат со други државанства. Има упатства од Еуростат како се врши попис, нема што ние да измислуваме, само треба да ги спроведеме, рече Мицкоски.

2

Најчитани вести