Што е хистеријава дали ќе сме добиеле датум за преговори месецов? Тоа е дилема на човек што ја гледа сопругата и се дума дали да ја венча или не. А сликите од свадба му се во спална, ги ставила женаму по ѕидови за уроци ако донесе некоја друга на брачниот кревет.

 

Јас длабоко верувам дека ние уште од лани имаме датум за преговори. Гледам по сајтови: слики во авион, напред Заев насмеан од уво до уво, до него благајникот Анѓушев, свежо маникиран и депилиран министерот Димитров, Османи со тазе налепени шишки... ни соопштуват дека ИМАМЕ датум за преговори со ЕУ. Датумот на веста е 30 јуни ланската, 2018 година.

 

На 13 август 2018 на својот Твитер налог владата официјлано објави: Македонија доби датум за почеток на преговорите со ЕУ, како резултат на постигнатиот договор подготовките се во тек, започнува скриниг процес...

 

Заев за Дојче веле, сериозен германски портал кој веројатно не го читала и фрау Меркел, тие денови изјави: ЕУ донесе историска одлука за почеток на преговорите со Македонија. (Тогаш Северна не беше во мода, Заев ни ветуваше Илинденска Македонија).

 

Ај, си викам, Заев како Заев... не е баш човек од збор, а ни политика не разбира баш нешто па можеби погрешно му превеле, или само така му се учинило.

 

Радмила Шекеринска, која 25 години е во врвот на СДСМ, офицер за врски на Џорџ Сорос во Македонија која прошла сито и решето... на 12 септември ланската, 2018 година, агитирајќи за гласање и поддршка на Северна пред референдумот изјави: ‘Ние покажавме дека зборот е збор. Ветивме и ДОБИВМЕ датум за преговори со ЕУ ‘.  Затоа, никако не разбирам зошто е сега оваа галама и хистерија дали допрва ќе го добиеме датумот. Па Заев дури и лично оди на нозе пред Меркел да и се закани дека ако не сме добиле датум повторно, Европа ќе покажела на сите дека лаже и манипулира. Се чека Заев отворено да се им закани во Брисел - Или дајте датум, или ќе го вратам името.

 

Па ваљда не се дава датум за преговори секоја година, или јас нешто не разбирам.

 

Уште по збунет бев деновиве кога на Твитер Беља Џика пушти видео од говор на Шекеринска при изборите во 2008 година во кој најавува: Ако победам јас со СДСМ на избори, во Европа влегуваме веднаш, а во НАТО оваа година, рече Шекеринска во таа 2008 година. До неа лево стои Зоран Заев, млад и сучка слаб, зад Заев гордо и поносно се смеши Сугаревски... некои лица кои денес се власт, 11 години по тие избори на кои СДСМ и Шекеринска доживејаа најголем пораз кој било која партија го доживеала во Македонија.

 

Значи, влегувањето во ЕУ и НАТО не било проблем. Не било проблем за влез ни дали се викаме Северна, бидејќи во таа 2008 кога Шекеринска, Заев, Сугарвски... ветуваа влез во ЕУ веднаш, а во НАТО за шест месеци ние се уште бевме во природна состојба – Република Македонија, и никој од нив како услов за ЕУ не спомнуваше промена на уставно име.

 

Не сакам да си признаам ама морам. Со надеж за добри вести ме фатила глупоќа, како кај оние што им веруваат на зборовите на Заев, Шекеринска и Сугаревски. Читајќи вести од нивните изјави сум потпаднал под истата наркоза и глупило како нивните гласачи, и ако ова потраело можеби еден ден и на избори ќе застранев, па ќе заокружев црвена тупаница.

 

СДСМ сега е во онаа фаза во која што и да кажат, дури да имаат и инцидент на вистина, никој не им верува. Веќе не им се плашат, ниту ги мразат. Никој не им завидува на скапите гардероби и петте стана на Шекринска, возниот парк и селфија по најскапите плажи и скијалишта во светов на Заев кој сето тоа го стекнал со плата како градоначалник и премиер. Милионите на Анѓушев направени со тегнење жица во краен производ шајка од која потоа се заработуваат хидоцентрали, деловни згради... златна шајка да е, па не стига за сето тоа.

 

СДСМ сега е во најдолната фаза: предмет се на потсмев, заебанција.

 

Ја растиривме државата со нивните лажни ветувања дека веднаш откако ќе се прогласиме за Северна почнуваме преговори со ЕУ, веднаш влегуваме во НАТО, користиме милијарда евра од фондовите на ЕУ и броиме инвеститори на граница.

 

Не стасавме ни година дена да и вадиме на Македонија откако стана Северна, двојазична и тиранска - излезе дека државата ја растуривме само за Заев и компанија прекутрупа да дојдат на власт и со помош на нивните специјални правосудни сили да блокираат секој отпор во државата, и ограбат се што ќе најдат по патот до тотална власт.

 

Ставот на Франација, Холандија, Германија... дека нема датум за нас не е создаден преку ноќ, за преку ноќ и да се смени. Знаат тие која е штетата во очите на другите држави ако не го одржат ветувањето но, исто така добро знаат што се случува во Македонија. И дека ваква Македонија, па макар и Северна, не е да ја пуштиш на свечената маса со другите.

 

На европската маса треба да седне Зоран Заев, чиј најголем политички пријател е Рамуш Харадинај од Косово. Деновиве се сликаа во домашен амбиент: Рамуш кај Заев на гости, што кај членовите на СДСМ и ДУИ потерало солзи радосници на очи, и средбата ќе биде овековечена како гоблен со златна рамка. Во време кога во Брисел чекаат Рамуш како сомнителен да седне пред специјалниот суд за воени злосторства во Приштина, кога во Приштина се затвораат четири болници затоа што се бавеле со трговија со човечки органи.

 

Вториот најдобар пријател на Заев е тиранистот Еди Рама. Во Германија познат како близок соработник на албанската наркомафија која за негови потреби рекетирала и купувала гласови на избори. Германците објавуваат разговори и документи за тоа.

 

Третиот пријател на Заев, Бојко Борисов, среќен добитник на владение врз македонскиот јазик и историја, е тука за да ги одобри деловните потфати на Фамилијата која има свои компании во Бугарија. Европа гледа и знае за сето тоа. Знае кои се и за што се тие компании. Знае кој треба да добие бизнис од десетици милиони евра годишно за транспорт на руда од Казандол... знае кој треба да биде крајниот сопственик на ФЕНИ... знае за насилното преземање на парното греење во Скопје... знае кој држи монопол на производство на марихуана во Македонија...

 

За сето ова да функционира, ние моравме да се тиранизираме, да станеме двојазични, да смениме уставно име, прифатиме политички прогон на секој што е опозиција. Да го платиме авансот, да бидеме жиранти на кредитот за деловните интереси на Фамилијата.

 

Се друго е привид, измама. Ни плата од 500 евра, ни инвеститори доаѓаат, ни милијарди видовме што наводно ги украл Груевски со соработниците, ниту оставки видовме од директорот на Шутка, ниту од министрите со метлата, ниту Заев ќе даде оставка ако не добиеме датум во јуни... ништо од тоа. Но, затоа бизнисите на Фамилијата цветаат. Се вози и Мерцедесот на Груевски без проблем. Сега и гуми за 53.000 евра му купуваат. Советникот на Заев, Алек Ружин ќе ги набави, се разбира он во тоа уште кога дилаше додека таткому Нано беше наш амбасадор во Брисел.

 

Во грев родено, во грев и живее. Ако имаш власт без да победиш на избори, ако имаш претседател на собрание избран без кворум и записник, ако политичките противници ти ги гони орган надвор од Устав, ако криеш докази и компромитивни телефонски разговори за себе како и за убиства во случајот Монструм или Диво насеље кои ги ветуваш за да ти дадат гласови, ако си заложник на шарени улични движења на кои им се раздолжуваш со државни пари како десетте милиони евра од Фонд за иновации... ако цел здравствен систем ти е во коплас за да го приватизираш, а три фамилии да заработуваат дваесет милиони евра годишно, ако на еден народ без поддршка на референдум му одземеш идентитет... грешен си до небо.

 

И сето тоа нема да запре без пораз на избори.

Давам две нобелови награди за датум за почеток на преговорите, им понуди Заев на Меркел и Макрон. Мислиш наградиве му се дома, на комодата до клавирот.

После ова Меркел и Макрон го имаат блокнато Заев, и на Фејсбук и на Твитер.

 

 (10.06.2019)

2

Најчитани вести