Нема датум за преговори, затоа што власта нема резултати, деспотот започна да ја уценува Европа за да го покрие криминалот на Владата, изјави лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски во видео обраќање.

Европската перспектива, оцени Мицкоски, е се повеќе загрозена од клиентелизмот на Заев и власта, неспособноста и егоистичните мотиви да се владее за свој личен бенефит.

„Откако Заев увиде дека сменетото име нема да биде доволно за да се одржи на власт, и да ја дефокусира јавноста од редицата скандали, и измами, пресметката му беше дека оваа празнина ќе се покрие со ветувањето за европската иднина. Но таа со овој човек нема да дојде, нема да дојде затоа што зборовите за европските вредности кои ги изговара се празни, празни без суштина, без делата кои ги нема. И токму тоа отсуство на резултати во работата на оваа Влада не оддалечува неповратно од Европската Унија“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека она што СДСМ го правеле кон опозицијата, уцени, закани и заплашувања во една ублажена форма, сега владејачката партија го применува и практикува кон земјите членки на Европската Унија.

„Затоа никако поинаку не може да се разбере неговото условување дека ако не му се прогледа низ прсти, и не и бил доделен датум за преговори ќе имало избори на кои можело да дојде радикалната десница. Најпрвин ова го покажува вистинскиот карактер на Зоран Заев, еден мал деспот среде Балканот кој и се заканува на Европа и тоа без аргументи“, додаде Мицкоски.

Тој заклучи дека Европа нема да дојде само затоа што власта го смени името, туку затоа што не работи ништо за постигнување на стандардите.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе се однесува одговорно, и ќе се бори земјава да добие датум за преговори, и покрај сите скандали, неработа, промашувања и измами на власта, затоа што граѓаните не заслужуваат да бидат жртва на неспособната Влада која започнува да шири евроскептицизам. И сосема на крај, во однос на емотивните изјави за двете Нобелови награди кои би ги одбил Заев во замена за датум за преговори, јас би порачал, дека јас би ги одбил сите награди на Светот само Зоран Заев не биде премиер на Република Македонија, бидејќи тој е вистинската пречка за развојот на Република Македонија и среќата која граѓаните ја заслужуваат“, додава Мицкоски во видео обраќањето.

извор: Makfax

21

Најчитани вести