Композиторот Александар Џамбазов, актерката Јоана Поповска, музичарот Тале Огненовски, сликарот Газанфер Бајрам и писателот Ресул Шабани се само дел од четириесетте уметници кои во иднина ќе примаат национална пензија.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска точно на пладне во салата на Музејот на македонската борба ќе ги додели првите 40 решенија во согласност со измените на Законот за културата. Со овој Закон, почнувајќи од први јануари годинава, уметниците и другите стручни работници од областа на заштитата на културното наследство кои се добитници на наградите 11 Октомври", Св. Климент Охридски" и 23 Октомври" за долгогодишни остварувања во културата или за животно дело, имаат право на месечен надомест од Министерството за култура. Националната пензија која што тие ќе ја примаат до крајот на животот е во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во Република Македонија.

Меѓу уметниците кои, исто така, ќе добиваат национална пензија се и актерката Мери Бошкова, сликарот Таки Павловски, писателот Паскал Гилевски, пијанистката Јасминка Чакар, сценаристот Коста Балабанов...

Во Министерството за култура велат дека додатокот на пензијата е потврда на грижата за уметничките вредности на делата создавани од македонските културни творци кои овозможија Македонија да биде дел од светската културна ризница.

Уметниците, кои денеска го добиваат решението за национална пензија, конкурираа на распишаниот конкурс од страна на ресорното Министерство, а кој што подразбираше одредени услови, меѓу кои и да се добитници на државни награди. Како што дознаваме, во моментот околу 50 уметници во Македонија ги исполнуваат тие услови.

(Д.Т.)

Најчитани вести