Ова е сериозно прифаќање на пораките од граѓаните. Тргнавме од сопствените редови, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по седницата на Централниот одбор на СДСМ на која беа разрешени сите шест потпретседатели, тројца секретари, координаторката на Форумот на жени на СДСМ и Извршниот одбор на партијата.

„Следуваат консултации. Сега е време за уште поголема иницијатива на СДСМ. Целиот фокус ќе го посветиме кон подобрување на животот на граѓаните. СДСМ покажува дека живее со и за граѓаните и дека ги слуша нивните потреби“, рече Заев.

Ветивме промени, додаде тој, промените се случуваат.

„СДСМ демонстрираше огромна одговорност, донесовме промени кои носат суштински промени и кои ќе донесат подобри услови за сите наши граѓани“, рече Заев.

Лидерот на СДСМ рече дека на претседателските избори граѓаните им испратиле кристално чиста порака.

„Граѓаните ни испратија кристално јасна порака – останаа дома. Еден дел дека не се мотивирани за претседателски избори, а еден дел ни испрати порака да се корегираме ако сакаме нивна поддршка“, рече Заев.

Тој најави дека во следните две-три недели ќе следуваат промени и во извршната власт и дека ќе бидат сменети повеќе од тројца министри.

За новиот генерален секретар на партијата, Љупчо Николовски, рече дека бил еден  од поуспешните министри во Владата и дека со ова прави еден чекор назад за да ѝ помогне на партијата.

ЦО на СДСМ на вечерашната седница ги разреши генералниот секретар, Александар Кирацовски, сите шест потпреседатели на СДСМ – Оливер Спасовски, Фросина Ременски, Петре Шилегов, Дамјан Манчевски, Мухамед Зекири и Благој Бочварски, потоа координаторката на Форумот на жени на СДСМ, Цветанка Ласкова, Миле Зечевиќ организациски секретар, Дане Талевски, меѓународен секретар, како и целиот Извршен одбор.

извор: Makfax

205

Најчитани вести