Кога бев млад сонував дека животот ќе ми помине како на драмскиот писател Артур Милер. Имав театарска група, патувавме и игравме низ Југославија, пишував во весник, бев лош студент кој напредува, а добар новинар, девојките ме сакаа и имав се што ми требаше. За разлика од него, сепак ја немав Мерилин Монро.

 

Како што велат Евреите: внимавај што посакуваш, можеби и ќе ти се оствари. Не обрнав внимание на еден детал. Артур Милер бил политички прогонуван, и осуден.

 

Политичките прогони денес се поинакви од минатото, гонителите го научија занаетот па сега гонат под формално образложение за било што, но гонат само политички и јавно активни, влијателни ликови кои стојат на нивниот пат до тотална власт. Прогонот на Асанж тргна заради наводно силување на Швеѓанка заради тоа што не ставил кондом додека имале секс. Ако нема факти, тука е улицата на ура да создаде атмосфера. И не е тоа појава која во модерново време е видена само на Балканот, ја има и во САД што го тврди и Трамп.

 

Прогон има и во Македонија. Фразите за помирување доаѓаат доцна, премногу штета е направено и болка нанесено за да се премине и заборави без последици. Затоа, фразите нема ни да станат реалност. Иднината на ловците, оние кои прогонуваат, не е под палми на море. Кога ќе дојде амбасадорката од САД, да го запаметиме ова, ќе нагласи дека основно очекување е во Македонија да се изврши темелна борба против корупција. Прво тоа.

 

Две години ние имаме тотална власт на една политичка опција, и корупцијата може да се бара само во тие редови. Се што е од, или блиску до ВМРО, е веќе прогонето. Таму материјалот за прогон е потрошен. Може да се фолира со нов круг, но тоа е само фолирање.

 

Што ќе биде кога ќе видиме како суд во Британија, и судови на уште неколку места носат пресуди против Македонија заради стечајот на ФЕНИ. Износот е, оптимистички, од 150 па до 400 милиони евра казна која ќе треба да се плати од буџетот. Повеќе пари од било кое обвинение кои сега се во тек, или на суд против функционерите на ВМРО. И не е само тоа. Со факти и меѓународни закони, без ура систем од улица и со бројчаници.

 

Оние кои гонат по тој уличен ура систем деновиве стануваат гонети. Ден по истекот на неговиот мандат, украинското Државно истражно биро соопшти дека покренало кривична постапка за предавство против поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко

 

Во март годинава во Романија е покрената истрага за корупција против специјалната јавна обвинителка Лаура Ковеси, и забрането и е да дава изјави во врска со истрагата како и да ја напушта државата. Гонетите на Голи оток потоа станаа херои, а гонителите се презрени.

 

И, да се вратам на Артур Милер и прогоните, особено на јавните личности. Холивудската црна листа е поврзана со маккартизмот, тоа е прогонот на десет холивудски писатели и продуценти кои одбиле да сведочат пред Комитетот на американскиот Сенат за “неамерикански активности“ како сопствени, така и на своите колеги.

 

Ден по тој настан, на 25 ноември 1947., Американското филмско здружение, организација која ги обединува холивудските работодавци, дало изјава во хотелот Валдорф со која се обврзувааат дека тие десетмина никогаш нема да бидат ангажирани или вработени.

 

На 22 јуни 1950. бил објавен антикомунистички памфлет наречен Црвениот канал, наведувајќи имиња на 151 "црвен фашист", вработени пред се во радио и телевизиската индустрија. Повеќето од овие луѓе биле веднаш избркани од нивните работни места.

 

На таа листа ставени, прогонети, биле големи имиња како композиторот Леонард Бернштајн, Чарли Чаплин, мојот драмски писател Артур Милер кој бил осуден и на година дена затвор, актерите Џуди Холидеј, Лена Хорн, Едвард Робинсон, Орсон Велс... режисери како Луис Буњуел, Џон Кромвел, Ричард Атенбороу... десетина новинари како Џон Стил, Ричард Јеф, славниот Вилијам Ширер...

 

Специјален обвинител во ловот заради лична промоција и политички капитал  бил сенаторот Џозеф Маккарти од Висконсин. Во 1950 година тој со сенаторот Милард Тајдингс формира специјален одбор во Сенатот за прогон на комунисти во општеството. Во тоа му помагал деценискот директор на ФБИ, Едгар Хувер. ФБИ работел по специјална постапка “Програма на одговорност“ според која надвор од закон се следеле, прислушкувале луѓе, се пуштале во јавност фалсификувани или непотврдени информации и документи против одбраните цели. Пресудата била јасна уште на улица, а потоа следи само формалност.

 

Суштината била што по добиени недокажани информации од ФБИ се организирале големи и масовни јавни испитувања на осомничените, со телевизиски преноси, со користење навреди, понижувања и клевети кон нив во очекување дека откако ќе бидат јавно посрамотени самите ќе признаат за да се спасат од понатамошен прогон.

 

Звучи познато, кај нас веќе видено. Политичките прогони се исти, без оглед на јазикот.

 

Нормално, за јавен ефект организирани се демонстрации со поддршка на Маккарти, плаќани се новинари да го величаат неговиот прогон, потпишувани се петиции.

 

Кога Двајт Ајзенхауер се кандидирал за претседател во 1952 година јавно уживал во соработката со него и имал интерес од поддршката на тогаш многу популарниот сенатор Маккарти. Но, откако станал претседател заднински работел и ги помагал критичарите на Маккарти, очекувајќи што побрзо негов пад. Ова кај нас допрва следи, процесот е во тек.

 

Одброт на Маккарти и владините институции, ФБИ и судовите гонеле околу 12.000 иљади луѓе, со повеќе од триста затворски пресуди, со уништени кариери поради тивка забрана да се занимваат со јавна или државна работа. Забележани се и повеќе од десет самоубиства. Само во одборот на Сенатот од 1949 до 1954 имало 109 јавни сослушувања.

 

Од работа отказ добиле околу 10.000 американци: бизнисмени, професори, адвокати, новинари, политичари, работници... од кои 300 уметници од Холивуд. И на историчарите им е тешко да утврдат точен број затворски казни како последица на маккартизмот. Доколку Маккарти и ФБИ не успевале да изнудат признание за комунистичко делување од прогонетите, ги гонеле по други основи и осудени се за поинакви дела.

 

Во 1954., откако ги поминал сите што му се нашле на патот меѓу уметниците, новинарите, политичарите... тргнал со чистка и во Армијата, и тука му бил крајот. На големо задоволство на претседателот Двајт Ајзенхауер во декември 1954 Сенатот му го врти грбот на Маккарти, сменет е од одброт за истраги и јавно критикуван. Не поживеал долго, и самиот отфрлен и посрамотен како и неговите жртви. Починал од алкохолизам во 1957 година.

 

Зад него остана поимот маккартизам. Тоа е постапка на сослушувања и судења без докази, со јавни понижувања, бруталности и обвинувања со цел да се скрши личноста на одбраната цел за да се постигне политичка добивка. Години подоцна почнале судски процеси за поништување на пресудите за вина и рехабилитација на прогонетите. Рехабилитирани се речиси сите прогонети.

 

Секоја сличност со Македонија е намерна. Нашето перење од маккартизмот ќе го гледаме на есен. Ќе биде болен процес за гонителите, но и единствена можност за помирување.

 

За крај, една поука: Јагнето цел живот го поминува плашејќи се од волкот, но на крај завршува на масата на оној на кој најмногу му верува, на овчарот.

 

(27.05.2019)

11
loading...

Најчитани вести