Во рамките на официјалната посета на Република Црна Гора, премиерот Зоран Заев учествуваше на Бизнис форумот меѓу стопанствениците на двете земји.

„Ние сме денеска прв пат овде присутни со нашето ново име, Северна Македонија заради тоа што направивме одлично пријателство со нашиот јужен сосед Грција заради единствената цел да изградиме пријателство и да отвориме економски перспективи. Сe што работиме како политичари го правиме за економијата, заради бизнисот, трговијата, заради нови работни места, за раст на БДП, заради извозот, што на крајот претставува квалитет на живот на нашите граѓани“, рече премиерот Заев во своето обраќање.

Премиерот Заев додаде дека нашата земја ќе го следи искуството на Црна Гора во пристапувањето на нашата земја во НАТО и ЕУ и изрази благодарност до Црна Гора за брзата ратификација на протоколот за наше членство во НАТО и со тоа ги охрабри сите други земји членки со брзо темпо да започнат процес на ратификација.

„Нашите очекувања се дека на почетокот на декември во Лондон на НАТО Самитот ќе имаме полноправно членство. Членството во НАТО, знаете вие во Црна Гора, а ние веќе во Северна Македонија чувствуваме носи економија и траен мир, стабилност и сигурност и безбедност, нешто што е важно за сите бизнисмени како минимум услов за развој на бизнисот. Во такви околности, како земја кандидат, со испорачана покана и 13 ратификации ние во нашата земја почнавме да ги кршиме сите економски рекорди од независноста до сега. Странските инвестиции се 625 милиони евра, најдобрата година беше 2011 со 340 милиони евра, што значи дупло повеќе од најдобрата година. Ова покажува колку е значајна безбедноста и стабилноста за економијата, а со нашето членство во НАТО ја зајакнуваме безбедноста и стабилноста и во целиот регион“ , истакна премиерот Заев.

Во своето обраќање пред црногорските и македонските компании, премиерот Заев истакна повеќе елементи од економската програма за поддршка на инвестициите.

„Сакам да ги поттикнам црногорските компании да инвестираат во нашата земја зашто ќе имате поддршка до 50% од вкупната инвестиција, заедно со олеснувањата со ослободување од даночните обврски по многу основи. Примамливи се условите. Затоа имаме рекордни инвестиции минатата година. Ние добиваме нови работни места, добиваме раст на БДП, и, секако, зголемена јавна потрошувачка која ќе влијае позитивно на нашиот буџет. Економските програми поттикнаа дополнителни домашни инвестиции во висина од 180 милиони евра и тоа доволно зборува за поволностите, зашто сега нема разлика меѓу домашните и странските компании. Ве поканувам да дојдете затоа што ќе имате профит. Затоа дојдоа големите компании од светот во нашата земја. Затоа и нашите компании, од Северна Македонија и Црна Гора треба да ги искористат убавините и предностите на економските програми за поддршка на инвестициите“, нагласи Заев.

 

извор: Makfax

34

Најчитани вести