Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ во писмен допис до медиумите се огласи до јавноста по однос на предлог-одлуката која ќе се најде на 43-та седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што ќе се одржи 30 јуни – 10 јули во Баку (Азербејџан), а според која се препорачува преместување на охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност.

Оттаму велат дека тоа е само еден чекор од бришење од листата на УНЕСКО, што ќе значи загуба на статусот уникатно светско природно и културно наследство!

„Дали на нашата актуелна Влада сега ѝ е јасно дека сите наши предупредувања се темелеа на несоборливи факти и дека не беа само страшни приказни и празни закани? Дали на нашата актуелна влада сега ѝ е јасно дека СДСМ и ДУИ ќе бидат партиите кои го изгубија УНЕСКО статусот токму на четириесетгодишнината од прогласувањето? Наместо да славиме јубилеј и да се гордееме што сме успеале да го зачуваме ова непроценливо богатство, кое ни го донесе светот во нашата мала земја и кое нè постави на мапата на најуникатни предели во светот, ние со тежина во градите ќе ја очекуваме конечната одлука што Комитетот за светско наследство ќе ја донесе летово во Баку“ велат од иницијативата.

Од самиот извештај објавен на страницата на УНЕСКО, како што велат, е очигледно дека по доаѓањето на власт СДСМ, прекинува дел од проектите на ВМРО-ДПМНЕ, што било во насока на исполнување на условите дадени од Реактивната мисија која го посети регионот во април 2017 година, но уште поочигледно е дека УНЕСКО ја обвинува актуелната Влада на СДСМ и ДУИ за неисполнување на останатите задолжителни барања од Реактивната мисија, што се случило откако СДСМ си се раскомотува на власт, бидејќи ДУИ се веќе одамна раскомотени.

„УНЕСКО во својот извештај констатира дека двоецот СДСМ и ДУИ нема никаква намера да ја прекине криминалната урбанизација, легализира дивоградби, допушта палење на огромни појаси трска во струшко, дозволува несоодветна и нелегална реконструкција на објекти кои се дел од културното наследство. Констатациите во извештајот на УНЕСКО претставуваат меѓународен скандал и светски блам! „Охрид СОС“ со години се бореше против лудите проекти на ВМРО-ДПМНЕ, но не за да дојде СДСМ и да го продолжи криминалното лудување во коалиција со ДУИ онаму каде што ВМРО-ДПМНЕ застана! Сме испратиле неброени извештаи, барања и до локалната и до централната власт, претставки до соодветните инспекторати и останати институции, но СДСМ реализираше многу малку од она што ние го баравме во интерес на зачувување на целовитоста и исклучителната универзална вредност на регионот. Ним поважен им беше партискиот пазар, мирот во куќа (читај: коалиција), па продолжија со вдомување на неквалификувани партиски кадри во институциите – и свои и на ДУИ, партиски кадри кои немаат трошка интегритет и кои не знаат што работат, партиски кадри кои не знаат ни да ја именуваат позицијата на која се наместени да земаат народни пари, но се беспоговорни исполнувачи на каква било партиска директива.

Тие бараат Владата итно да започне со исполнување на сите препораки на Центарот за светско наследство и да спречи регионот поради нејзината неспособност да биде избришан од листата на УНЕСКО! Бараат итен престанок на секакво партиско пазарење и злоупотреба на УНЕСКО регионот како паричка за поткусурување, како услуга за раздолжување после избори!

„Бараме итно да престане урбаната мафија да ги пишува законите! Бараме СДСМ и ДУИ на дело да почнат да го спроведуваат она што пред секои избори не го вадат од уста – професионални институции кои не се потчинуваат на партиски диктат и кои работат исклучиво во интерес на жителите и напредокот на оваа земја! Бараме конечно во земјава да се врати правната држава на дело, а не на хартија и по партиски памфлети и митинзи!“ се наведува во дописот до медиумите.

извор: Makfax

192

Најчитани вести