Синдикалната организација на јавните обвинителства, членка на Синдикатот на УПОЗ сака да ја извести јавноста за се понезавидната ситуација на вработените и непочитување на законите.
Имено, по измените на Законот за кривична постапка во декември 2013 година, овластувањата и обемот на работа на јавнообвинителската служба значително за зголемија и изменија, но условите за работа и примањата на јавнообвинителските службеници воопшто не се подобрија. Платите на јавнообвинителските службеници се уште се под републичкиот просек и истите не се доволни за задоволување на нај основните потреби за пристоен живот.
Со измените на Законот за јавнообвинителска служба од 2015 година, поради специфичноста на работните задачи јавнообвинителските службеници добија право на додатоци на плата во висина од 35% кумулативно по неколку основи, но за жал од можните 35% се исплаќаат само 5%.
Иако Синдикатот на УПОЗ и Владата на Р.С. Македонија договорија спогодбено решавање на степенот за кариера за службениците, јавнообвинителските службеници се приморани ова право да го остваруваат со поднесување на тужби до надлежните судови.
Надоместоците на плата (за патување во земјата, работа на терен одвоен живот од семејството, итн.) не се исплаќаат, а надоместокот за дежурство иако дежурствата траат и по 30 денови е 1000,00 денари.  
Поради хроничен недостаток на кадар еден јавнообвинителски службеник извршува работни задачи за неколку работни позиции, не се распишуваат интерни огласи за напредување на повисоки работни места, а се повеќе недостасуваат и основни средства за работа (компјутери, тонери, канцелариски материјали и др.).  
 
Изминатиот период јавноста беше запознаена дека со измените на Законот за јавното обвинителство се предвидува инкорпорирање на Специјалното јавно обвинителство во системот на јавното обвинителство. Доколку ова се оствари, Синдикалната организација ќе бара јавнообвинителските службеници да ги имаат истите месечни примања, надоместоци и додатоци на плата како колегите од Специјалното јавно обвинителство, бидејќи природата на работата и работните задачи се исти.
 
 Сакаме да укажеме дека јавнообвинителската служба секогаш редовно и навремено ги извршувала своите работни задачи и е заслужна за спроведување на сите реформи во Јавното обвинителство согласно европските стандарди и барања. Од тие причини бараме во најбрз можен рок јавнообвинителските службеници да ги добијат истите права како и другите вработени во правосудството, во спротивно нашите права ќе ги остваруваме по судски пат, а ќе ги искористиме и сите со закон дадени можности за притисок врз работодавачот.

1
loading...

Најчитани вести