Министерството за образование и наука информира дека се активирани решенијата за враќање на директорите на училиштата во Гостивар на работните позиции од кои биле разрешени на незаконски начин. Станува збор за решенија кои биле повлечени во интерес на заложбите за спроведување на претседателските избори.

„Одложувањето на примената, односно постапувањето по еден правен акт донесен согласно законите и во случајов, врз основа на одлука на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос и согласно извештаите од спроведените надзори на Државниот просветен инспекторат, не треба да значи негово забошотување и трајно непостапување по однос на истиот. Водејќи се по принципите на почитување на правото, правичноста и транспарентноста во работењето, Министерството за образование и наука има обврска и должност да постапи согласно своите ингеренции во секоја ситуација, вклучително и во конкретната во која беа констатирани низа прекршувања на законските прописи од страна на општина Гостивар во делот на разрешувањето на училишните директори од политички причини. А мешањето на политиката е недозволиво во областа на образованието, бидејќи најголемата штета која се прави, оди на сметка на учениците и нивниот воспитно образовен процес“, соопштија од МОН.

Наместо градоначалникот на општина Гостивар, велат од таму, паушално да ги обвинува Владата и Министерството за образование и наука за спроведување нерегуларни активности низ институциите на општината, апелираме да започне да се однесува одговорно, посветено и целосно да ги почитува позитивните правни прописи во земјата.

извор: Makfax

128

Најчитани вести