Независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија на средба со амбасадори на земјите членки на ЕУ и евроамбасадорот Семуел Жбогар, побара датум за почеток на преговори со Европската Унија.

„Целта на состанокот беше во наше име да им се обратиме, и да образложиме зошто сметаме дека треба да добиеме датум за отпочнување на пристапните преговори за влез во ЕУ. Изготвивме писмо со кое им се обративме, во коешто наведовме дека македонската приказна заслужува шанса за успех, одделена од која било друга земја аспирант. Во прилог на тоа, потенциравме дека 10 години добиваме препорака за отпочнување на преговорите, факт кој покажува исполнување на важни критериуми“, велат од Независната пратеничка група.

Од таму велат дека заслужуваме шанса да го отпочнеме процесот, бидејќи активно работиме на подобрување на легислативата согласно ЕУ законодавството, го решивме проблемот со името и имаме одлична соработка со сите соседи.

„Но, за да се задржи динамиката на реформи, потребна ни е политичка одлука од ЕУ за датум за преговори, кој беше најавен претходната година од високи авторитети на Европската комисија. Денес стоиме исправени кон глобални промени, геополитички потреси и тоа е уште една важна причина нашата држава да се приклучи кон најцврстиот и најсилниот политички и економски сојуз, а тоа е ЕУ. Свесни сме за изгубеното време и слабости, но тоа може да го промениме, ако што поскоро добиеме датум за почеток на преговорите“, велат од Независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.

извор: Makfax

49

Најчитани вести