Премиерот Зоран Заев и в.д амбасадорката на Амбасадата на САД, Микаела Швајцер Блум, со свои воведни обраќања го отворија Македонскиот енергетски форум 2019 „Енергетска транзиција преку обновливи извори и енергетска ефикасност“.

Амбасадорката Блум во своето обраќање изрази силна поддршка од САД за развојот на енергетскиот сектор во нашата земја, а Заев истакна дека форумот е од големо значење за енергетската политика на државата.

„Посебно радува фактот што на вака исклучително важни теми од областа на енергетиката како што се гасификацијата, енергетска транзиција кон обновливите извори на енергија, светски трендови во енергетиката, енергетска ефикасност и енергетската политика на Република Северна Македонија на едно место два дена ќе дебатираат врвни експерти од енергетскиот сектор, практичари – деловни луѓе и претставници на извршната власт“, посочи премиерот.

Тој во обраќањето нагласи дека земјата е посветена на спроведување на реформите во енергетскиот сектор.

„Новиот Закон за енергетика беше изработен со поддршка на Секретаријатот на Енергетската заедница и беше донесен од Собранието во мај 2018 година за што сме благодарни на Енергетската заедница. Во овој Закон за енергетика се имплементираат одредбите и обврските што произлегуваат од Третиот енергетски пакет на ЕУ и Директивата за обновливи извори на енергија. Напредокот од земја последна во регионот – во земја со исклучителен напредок е нотирано во Извештајот на Енергетската заедница“, рече Заев.

Посочи и дека ефикасната транзиција на земјата кон конкурентна економија ќе се забрза со реализација на диверзификација во снабдувањето, со зголемување на конкуренцијата на енергетските пазари и со зголемување на искористувањето на обновливите извори на енергија.

„Во таа насока од особено значење е и обезбедувањето на сигурност и континуитет во снабдувањето со енергија на домаќинствата и компаниите во Република Северна Македонија, намалување на емисиите на стакленички гасови и подобрување на општата состојба на животната средина. Со сите овие планирани активности отвораме можности за сигурна енергетска иднина и значително подобрување на енергетската сигурност во државата на начин кој оди во прилог на глобалните енергетски трендови, а тоа е напуштањето на загадувачките технологии и транзиција кон чистите технологии за производство на енергија. Поголемата достапност на гасот очекуваме да мотивира нови инвестиции во нови гасни централи за што нашата земја е доста податлива со можност за искористување на вториот продукт, а тоа е топлинската енергија“, кажа премиерот додавајќи дека Македонскиот енергетски форум е уште една одлична можност за поврзување и зголемување на соработката со соседните земји.

извор: Makfax

9
loading...

Најчитани вести