Претставници на венецуелската опозиција и влада се сретнаа во Норвешка, пренесува РТ. Веста доаѓа две недели откако Хуан Гваидо не успеа да собере војници за соборување на Николас Мадуро.

Членовите на владата на Венецуела и опозицијата одржуваат тајни разговори на непозната локација во главниот град на Норвешка, Осло, објавија неколку медиуми во четвртокот, наведувајќи извори во опозицијата како и во норвешките дипломатски кругови.

Владината делегација била предводена од министерот за информации, Хорхе Родригез, додека Гваидо бил застапуван од пратеникот Сталин Гонзалес. Присутни биле и двајца политички советници на Гваидо заедно со државниот гувернер сојузник на Мадуро.

Форматот на разговорите не беше откриен, но некои извештаи ги опишаа како истражувачки дискусии. Според норвешките медиуми, ова е вторпат двете страни да се состанат во Осло.

Норвешка претходно јавно ја понуди својата помош за посредување во конфликтот и изрази поддршка за парламентот контролиран од опозицијата во Венецуела, но, за разлика од многу други европски земји, не го признаГваидо како привремен претседател.

Ниту една од страните официјално не ги потврди разговорите. Сепак, Мадуро рече дека неговиот министер е во многу важна мисија во странство.

Наводната средба се одржува две недели откако Гваидо не успеа да собере војниците за да го собори Мадуро. Неговиот повик воени лица да пребегнат и да се свртат против владата предизвика спорадични судири во главниот град на државата, Каракас. Еден ден подоцна, Мадуро прогласи победа против обидит за државен удар и рече дека вооружените сили останале лојални на неговата влада.

Гваидо, кој беше прогласен за привремен претседател во јануари, веднаш беше поддржан од САД и нивните сојузници во Европа како и поголемиот дел од јужноамериканските држави. Земјите како Кина, Русија, Иран, Мексико и Турција продолжуваат да го признаваат Николас Мадуро како легитимен лидер на Венецуела.

 

извор: Makfax

8
loading...

Најчитани вести