Работната посета на Берлин министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ја продолжи со учество на настан коорганизиран од страна на парламентарните групи на Зелените и на германската секција на Унијата на Европските Федералисти, во која членуваат пратеници од четири политички партии – ЦДУ/ЦСУ, Социјал-демократите, Зелените и Либералите.

Зборувајќи како главен говорник на темата „Западен Балкан по решавањето на прашањето за името: постигнувања, предизвици и перспективи“, Димитров пред присутните пратеници, претставници на Владата, дипломатскиот кор, медиумите, НВО секторот и останатите гости, се осврнал на искуствата од решавањето на спорот со Грција и предизвиците за натамошната имплементација на Преспанскиот договор, притоа потенцирајќи ги значењето и придобивките од Договорот за земјата и регионот.

„Во таа смисла, министерот Димитров потенцираше дека Договорот претставува добра вест за целиот Ррегион и ЕУ, и пример за тоа дека преку визионерско лидерство и јасна европска перспектива на Балканот се можни решенија дури и на најделикатните отворени прашања. Препознавање и зацврстување на придобивките од Договорот, заедно со резултатите во делот на домашните реформи, ќе претставува валоризација на системот на заслуги и условеност и јасен сигнал за Европската иднина на целиот регион“ соопшти МНР.

Во тој контекст Димитров подвлекол: „И покрај тешката политичка ситуација во Европа денес, претстојните Европски избори, сите прашања кои се поврзани со тоа, едноставно го немаме луксузот да не успееме во создавањето на успешни приказни. Мојата земја денес, Северна Македонија, е успешна приказна која треба да биде охрабрена и поддржана ако сакаме да направиме разлика. Најголемата научена лекција од сето ова е дека ние можеме да направиме разлика. Ништо од ова, ниту помирувањето, ниту Преспанскиот Договор не беше неизбежно. Напротив, се случи бидејќи ние тоа го направивме, заедно со лидерството во Атина.”

Навраќајќи се на потребата од одржување на дофатлива европска перспектива и активен европски ангажман во регионот, Димитров истакна: „Јас искрено верувам дека ангажираниот однос со нашиот регион, признавањето на напредокот и неговото наградување е не само правилниот пристап, туку и помалку скапиот пристап. Неангажираноста би била далеку поскапа. Ова го видовме и преку мигрантската криза во 2015/6 и важноста на Западниот Балкан за безбедноста на самата Европска Унија. Мислам дека иднината на регионот е европска, нема алтернативна стратегија. Иако поголемиот дел од работата е на нас дома, сите мораме искрено и отворено да размислиме што ќе правиме со овој регион. Доколку сакаме државите во регионот да ги направиме европски, каде владее правото, постојат функционални спреги и кочници и подобри економии, тогаш единствениот пат е пристапниот процес.”

Работниот ден во Берлин опфатил и средби на Димитров и со пратеникот од СПД и член на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, Јосип Јуратовиќ, главниот советник на Канцеларката Меркел за Европски прашања, Уве Корсепиус и специјалниот пратеник за Југоисточна Европа, Турција и ЕФТА земјите во германското МНР, др. Кристијан Хелбах. Во разговорите со германските соговорници Димитров го презентирал напредокот на Република Северна Македонија, реафирмирајќи ги аргументите и подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со ЕУ до крајот на годинава и потенцирајќи ја важноста на германската поддршка во тој процес.

извор: Makfax

2
loading...

Најчитани вести