Најмалку четири лица вработени во Агенцијата за разузнавање (АР) се соочуваат со отказ од работното место по заминувањето на Ѓорѓе Иванов од претседателската вила. Довчерашниот претседател ги користеше нивните услуги и во својот кабинет и во агенцијата што е под негово управување, но смената на Водно ќе ги заостри критериумите, па така ќе нема место за оние што се под истрага на обвинителствата. Тоа се првите мерки, но ќе следува комплетен ремонт на разузнавачките служби, најпрво во АР, а потоа и во Управата за безбедност и контраразузнавање, од која треба да настане новата Агенција за национална безбедност, објави „Независен весник“.

Во кабинетот на Пендаровски се предвидени по двајца советници за надворешни работи и по двајца за внатрешни, меѓу кои и еден за безбедност. Според информациите, последното место се чува за професорот Александар Спасов од Катедрата за политички науки при Правниот факултет во Скопје. Досегашниот советник за безбедност Синиша Алексовски требаше да ги заврши своите обврски со завршувањето на мандатот на Иванов кој, пак, знаејќи дека се ближи крајот, го вратил во АР. Токму Алексовски, кој се поврзува со настаните во Собранието, е најголемата причина што Пендаровски најави дека ќе расчисти со оние што се огрешиле пред законот и Уставот.

„Тие нема да бидат дел од тимот што е под ингеренција на претседателот“, најави новоизбраниот шеф на државата.

Реформата на разузнавачките и безбедносни служби беше едно од трите клучни барања на Алијансата во преговорите со Македонија по имплементацијата на Преспанскиот договор и реформите во одбраната. Во декември минатата година, НАТО побара од Владата да ги преиспита и да ги издаде одново сите безбедносни дозволи во земјата за по приемот на Македонија, да се осигура дека внатрешните информации од земјите членки и од Алијансата нема да се одлеваат надвор или пак да се злоупотребуваат.

Во тој контекст, најавена е и Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која треба да ја наследи досегашната УБК. Во неа ќе бидат вработени дел од кадрите во УБК, но ќе има место за сите што ќе ги исполнат условите и ќе ја поминат проверката по стандардите на НАТО. Тие што ќе „паднат“, ќе добијат отказ. Оваа реформа требаше да стартува од први јуни, но ќе доцни бидејќи поради изборите забавија процесите во Собранието.

4

Најчитани вести