На достоинствен начин, како и што доликува, без сцените од изминатите избори за прв човек на МКФ, денес најпрославениот македонски кошаркар Перо Антиќ беше избран за претседател.

Довчерашниот претседател на МКФ, Петар Наумоски не се реши да влезе во трка за нов мандат, а најсериозниот противкандидат на Антиќ, спортскиот директор на МКФ Владимир Темелковски доцна синоќа ја повлече својата кандидатура, па Антиќ остана единствениот кандидат.

На денешното Собрание право на глас имаа 26 клубови, кошаркарски здруженија и асоцијации. Антиќ беше номиниран од 17 членки а го поддржа поголем дел од клубовите.

„Среќен сум, но искрено малку ми е чудно во оваа улога. Мојата идеја е да составам силен тим од спортисти и луѓе од бизнис-секторот и сите заедно да работиме за кревање на кошарката, враќање на оптимизмот кога се говори за овој спорт. Приоритети има многу, од развој на младинската кошарка, до засилување на лигата и враќање на репрезентацијата онаму каде што посакуваме да биде, редовен учесник на големите натпреварувања“,изјави новиот претседател на МКФ, Перо Антиќ.

Некогашниот кошаркар на Работнички, АЕК Црвена Звезда, Лукоил, Олимпијакос, Спартак Санкт Петербург, Локомотив Кубан и НБА франшизата Атланта, стана деветти претседател на МКФ по Благоја Самакоски, Зоре Темелковски, Јордан Камчев, Горан Рафајловски, Леонид Гајдаџиев, Драгољуб Арсовски, Даниел Димевски и доскорешниот Петар Наумоски.

Убава вест е што заедно со Антиќ освежување во Куќата на кошарката ќе бидат и многу членови на генерацијата „Литванија“ која што во 2011 година беше четврта на Европското првенство.

Десна рака на Антиќ ќе му биде Тодор Гечевски, а во новото раководство на МКФ ќе биде и Владимир Георгиевски. За очекување е позиции во федерацијата да добијат и ветераните Ѓорѓи Чековски и Димитар Мираковски.

2
loading...

Најчитани вести