Најмалку четири лица вработени во Агенцијата за разузнавање (АР) се соочуваат со отказ од работното место по заминувањето на Ѓорѓе Иванов од претседателската вила. Довчерашниот претседател ги користеше нивните услуги и во својот кабинет и во агенцијата што е под негово управување, но смената на Водно ќе ги заостри критериумите, па така ќе нема место за оние што се под истрага на обвинителствата. Тоа се првите мерки, но ќе следува комплетен ремонт на разузнавачките служби, најпрво во АР, а потоа и во Управата за безбедност и контраразузнавање, од која треба да настане новата Агенција за национална безбедност.

Во неговиот кабинет се предвидени по двајца советници за надворешни работи и по двајца за внатрешни, меѓу кои и еден за безбедност. Според информациите, последното место се чува за професорот Александар Спасов од Катедрата за политички науки при Правниот факултет во Скопје. Досегашниот советник за безбедност Синиша Алексовски требаше да ги заврши своите обврски со завршувањето на мандатот на Иванов кој, пак, знаејќи дека се ближи крајот, го вратил во АР. Токму Алексовски, кој се поврзува со крвавите инциденти во Собранието, е најголемата причина што Пендаровски најави дека ќе расчисти со оние што се огрешиле пред законот и Уставот.

„Тие нема да бидат дел од тимот што е под ингеренција на претседателот“, најави новоизбраниот шеф на државата.

Синиша Алексовски заедно со Борис Јосифовски, кој беше генерален секретар во кабинетот на Иванов, беа посочувани од обвинетите за 27 април како активни учесници во настаните што претходеа таа вечер. Јосифовски дента бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа според Иванов не било ништо страшно, затоа што тој бил член на партијата, па можел кога сака да оди таму. Алексовски, пак, наводно ги информирал демонстрантите оти ќе биде прогласена воена состојба.

„Треба да разграничиме неколку работи: Никола Бошковски беше споменат од сите обвинети што даваа исказ и тие имале директен контакт со него, а Алексовски беше споменат во смисла дека некој разговарал со него, па ја пренел информацијата. Не можеме да ги ставиме на исто рамниште едниот и другиот“, објаснуваше обвинителката Вилма Русковска зошто Алексовски не е обвинет во случајот.

Иако самиот Иванов демантираше дека воопшто планирал да прогласи воена состојба, самото споменување на вработени во АР во контекст на активности за рушење на државните институции, го доведоа во прашање легитимитетот на агенцијата, чиј годишен буџет изнесува над 3,5 милиони евра, при што повеќето од половина се трошат на плати.

„Тоа што се случуваше изминатиов период беше девастација на службата. Таа не беше замислена како вдомување за партиски кадри туку за професионалци во својата работа. Пропусти има многу, на пример, АР нема свои оперативци надвор од земјава, што e недозволиво за сериозна држава. Како сакате навремени информации ако луѓето ви седат дома? Тие не можат да даваат извештај само врз основа на тоа што ќе им го каже некој, туку мора да бидат присутни и да видат. Потоа, вработените во АР се јавно познати, да ги пратиш на лекарски преглед – во здравствената книшка им пишува каде работат. Какви разузнавачи се тие ако сите ги знаат? На Запад ниту најблиските во семејствата не знаат со што се занимаваат. Има уште многу вакви банални примери, има бааги работи што треба да се средат. Најпрво треба да се обезбеди добар буџет, да се екипира добар тим, да нема политички реваншизам, односно да се остават професионалците што беа и под Иванов и да се реформира начинот на работа. Пендаровски, како човек што има искуство во работењето со службите, е свесен за сево ова и не се сомневајте дека таму бргу ќе биде воспоставен ред“, коментира извор од разузнавачките кругови.

Реформата на разузнавачките и безбедносни служби беше едно од трите клучни барања на Алијансата во преговорите со Македонија по имплементацијата на Преспанскиот договор и реформите во одбраната. Во декември минатата година, НАТО побара од Владата да ги преиспита и да ги издаде одново сите безбедносни дозволи во земјата за по приемот на Македонија, да се осигура дека внатрешните информации од земјите членки и од Алијансата нема да се одлеваат надвор или пак да се злоупотребуваат.

Во тој контекст, најавена е и Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која треба да ја наследи досегашната УБК. Во неа ќе бидат вработени дел од кадрите во УБК, но ќе има место за сите што ќе ги исполнат условите и ќе ја поминат проверката по стандардите на НАТО. Тие што ќе „паднат“, ќе добијат отказ. Оваа реформа требаше да стартува од први јуни, но ќе доцни бидејќи поради изборите забавија процесите во Собранието.

(Nezavisen.mk)

1

Најчитани вести