Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја предупреди Кина да не се реваншира за новото зголемување на царините, но, исто така, нагласи и дека американските потрошувачи нема на своја кожа да ја почувствуваат мерката.

Во петокот, САД повеќе од двојно ги зголеми царините за увоз на кинески стоки во вредност од 200 милијарди долари.

Кина денеска најави дека никогаш нема да потклекне под надворешни притисоци, иако не појасни на кој начин ќе му возврати на Вашингтон по новите закани дека ќе бидат наметнети царини и за сите други кинески производи.

Во серијата објави на Твитер, претседателот Трамп наведе дека Кина со години ги искористува САД.

„Значи, Кина не треба да се одмаздува, така целата ситуација ќе стане само полоша“, додава тој.

„Нема причина зошто американските потрошувачи да плаќaат за царините“, исто така порача Трамп, но ваквата негова објава е во спротивност со она што го кажува неговиот економски советник, Лари Кадлоу.

Во интервју во неделата, тој рече дека веројатно и двете страни ќе страдаат поради зголемените трговски тензии.

„Отворено го предупредувам претседателот Кси и бројните пријатели во Кина дека земјата ќе биде силно погодена ако не постои согласност, бидејќи компаниите ќе бидат принудени да ја напуштат Кина и да заминат во други земји“, објави Трамп на „Твитер“.

Трговската војна меѓу Кина и САД влезе во нов круг, откако Американците ја зголемија царината од 10 на 25 отсто за кинески производи со вкупна вредност од 200 милијарди долари.

извор: Makfax

1

Најчитани вести