Ракометарките на Вардар одиграа интересен натпревар во финалето од Купот на Македонија против Куманово, но во финишот не успеаја да ја задржат концентрацијата и забележаа пораз од 22:24.

После средбата тренерот на Вардар, Симе Симовски упати честитки до противникот.

„Му честитам на Куманово за победата и освоената титула. Можам да кажам дека моите девојки одиграа одлично.  Имавме фантастична одбрана, но ни недостига искуство. Нам ни се потребни вакви силни натпревари бидејќи на тој начин стекнуваме искуство. Куманово е посикусен состав од нас и има повозрасни ракометарки. Ова за нас е добро бидејќи ни претстои убава иднина, а мене ми дава максимално голем мотив за работа. Ако направиме анализа можеме да кажеме дека имаме игра и дека имаме убава иднина“, рече Симовски.

Тој вели дека треба време за да се дојде до посакуваното со овие девојки.

„Оваа екипа во создавање и потребни се барем три години трпеливост со девојките за да успееме да дојдеме до она кон кое целиме. Потребни ни се барем 20-30 вакви натпревари во годината. Нам не ни требаат многу услови. Ни треба сала за да можеме нормално да тренираме и да продолжиме со зацртаното. Ни треба и време, но јас по природа сум трпелив и сигурен сум дека ќе го одбереме вистинскиот пат.

Во однос на она што ќе се случува со тимот следната сезона во моментов никој ја нема вистинската информација, а тренерот имаше интересен коментар.

„Само Господ знае што ќе се случи“, изјави Симовски.

Извор:24ракомет.мк

1

Најчитани вести