Иако министерката за правда Дескоска денес изјави дека нема намера “да шета по министерства и да се враќа назад во образование“, сепак Магазин од извори во ДУИ дознава дека договорот за размена на министерски ресори веќе е направен на највисоко ниво, меѓу премиерот Заев и Али Ахмети. Најзаинтересиран за оваа позиција бил поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, но бидејќи Заев и Ахмети се согласиле да ставаат понови лица во владата, фаворит за министер за правда засега е Башким Хасани, кој му беше шеф на кабинет на Бејта и негова десна рака во општината.

Башким Хасани во Гостивар е познат и како висок функционер на огранокот на ДУИ и човекот кој најчесто ги држи прес конференциите кога треба да се нападне градоначалникот Таравари, кој доаѓа од Алијансата на Албанците.

Другите можни поместувања во владата се размена на министерствата за култура и економија меѓу СДСМ, Алтернатива и ДУИ, односно, после оставката на министерот Асаф Адеми ова министерство ќе го раководи кадар од СДСМ, додека пак партијата на Африм Гаши ќе го превземе ресорот за економија, кој моментално го води ДУИ. За компензација, како што веќе напишавме, ДУИ ќе го добие министерството за правда.

Кандидати за нов министер за култура во СДСМ има многу, но најзаинтересиран е поранешниот министер Роберт Алаѓозовски. Истовремено, СДСМ се спрема да го превземе и министерството за надворешни работи, после најавеното можно повлекување на Никола Димитров и неговото евентуално заминување во Америка како висок советник во политичко-истражувачкиот институт “Брукингс“ во Вашингтон.

Како најсериозен наследник на Никола Димитров во МНР се споменува актуелниот државен секретар Виктор Димовски, кој е проверен партиски кадар на СДСМ, а во времето на мандатот на Црвенковски беше и директор на Агенцијата за разузнавање. Министерката Дескоска можно е воопшто да не биде дел од новиот владин состав после најавената реконструкција.  

(Магазин.мк)

1

Најчитани вести