Поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, не сака да избрзува со заклучоци по вториот изборен круг од претседателските избори, во кои ВМРО-ДПМНЕ, односно Гордана Силјановска-Давкова освои речиси 380.000 гласа или 60.000 помалку од  Стево Пендаровски. Вели дека партијата треба да направи детална анализа и да види кои работи биле добри, а кои не чинеле и зошто не е направен решавачкиот исчекор кон неопределените гласачи ниту, пак, има доближување до албанските гласачи.

Иако пред изборите бараше одговорност од Христијан Мицкоски во случај на пораз на Силјановска, сега нагласува оти нема време за оставки и внатрешни превирања имајќи предвид дека веќе в година нè чекаат парламентарни избори.

„Резултатот од неделното гласање е многу контрадикторен во поглед на бројот на гласови што ги доби Силјановска како кандидат за претседател и оние што ги доби ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво. Сметам дека професорката Силјановска беше добар кандидат и без сомнение даде дополнителна вредност, односно донесе голем број гласови. Не можам да тврдам колку луѓе што не се традиционални наши гласачи го заокружиле нејзиното име, но уверен сум оти бројката не е мала.

Не можеме да затвориме очи дека, и покрај тоа што СДСМ не испорачува ништо на домашен терен, а нивните градоначалници работат лошо, сепак, успеа да победи во битките за градоначалник на Охрид и на Ново Село. Затоа велам, треба да се направи квалитетна внатрепартиска анализа и да се види зошто резултатите на Силјановска се повисоки од оние на партијата на локално ниво“, коментира Коневски за „Независен весник“. 

Коневски очекува во партијата акцент да стави на обединувањето. Тврди дека голем број квалитетни луѓе што оставиле белег во партијата и кои со своето искуство и знаење можат да помогнат, сега се тргнати настрана.
„Партијата не го користи сиот свој потенцијал. Не знам дали вината за тоа е кај Мицкоски, но факт е дека најавеното обединување не се случува“, смета Конески.

На прашањето дали и сега ќе бара одговорност од Мицкоски имајќи предвид дека Силјановска, сепак, е поразена, а како што рече во една пригода „Груевски си замина поради пораз на избори“, поранешниот прв човек на Аеродром сега ја спушта кочницата.

„За многу брзо време ни доаѓаат парламентарни избори. Ако не бидат предвремени, тие ќе се одржат во есента 2020 година. Нема време да се бараат оставки, додека трае целата процедура ќе помине многу време, а тие превирања дополнително ќе ја ослабнат партијата, по што сигурно е дека нè чека пораз.

Но Мицкоски и неговиот тим мора под итно да го поправат имиџот кај меѓународните партнери. Тој е исклучително нарушен и мора бргу да се дејствува. Истото важи и кога се во прашање Албанците, што најдобро се виде на овие избори. Силјановска ќе забележеше сигурна победа доколку ВМРО-ДПМНЕ имаше подобар статус кај албанските гласачи. Коалицискиот капацитет во моментов е на многу ниско ниво, да не речам на нула, а така не ќе може да се дојде на власт“, заклучува Коневски. 

Тој и исклучениот од партиското членство, Никола Тодоров, беа најгласни во критиките против Мицкоски и новото раководство. Ексминистерот за здравство сега одбива да го коментира резултатот на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори.

 „Не сакам да коментирам“, кусо ни рече Тодоров во телефонскиот разговор.

 Интересна е ситуацијата и со разрешениот потпретседател, Митко Јанчев, кој заедно со Тодоров и со Мијалков беше опфатен со метлата на Мицкоски по пресвртот во Собранието и обезбеденото двотретинско мнозинство за промена на името со благослов од осум пратеници на опозицијата. Јанчев, кој ја плати цената по отвореното изразување незадоволство што ВМРО-ДПМНЕ не зема активно учество на референдумот, истовремено е и градоначалник на Кавадарци.

Таму, ВМРО-ДПМНЕ, односно Силјановска, забележа уверлива победа над СДСМ и Пендаровски (11.065 наспрема 8.695) што се коментира, меѓу другото, и како заслуга на Јанчев, кој важи за добар градоначалник.
„Јас сум вмровец и нормално дека гласав за Силјановска“, признава Јанчев. Сепак, за друг коментар околу вкупниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ не беше подготвен.

(Независен.мк)

3

Најчитани вести