Избори, втор круг. Начелно, изборот не е тежок. Ако последниве две години сте задоволни од власта, ќе го гласате нивниот кандидат. Ако не сте, ќе ја гласате кандидатката на опозицијата и ќе пратите абер до власта дека вака не оди, и дека очекувате повеќе од нив.

 

А дека многу што изминативе две години се случи без воља и на штета на мнозинството, тоа е јасно. Јасно му е и на Заев па најави чистка, дури зема и метла со жими мајка ветување дека после изборите ќе изметел во дворот. А метла се употребува за чистење ѓубре. Така, Заев прилично грубо ги навреди своите соработници доживувајќи ги како ѓубре во својот двор кое му го руши угледот кај комшиите и пред гостите. И го сопиња во чекорењето кон светла иднина.

 

Просто знам кој ќе ја јава метлата што ќе дојде за чистка во СДСМ. Сите се фатија за метлата, ќе чистеле а Шилегов како предводник е виден на семофорите кај Мавровка како чисти шофешајбни, со ракија.

 

Како кој дава изјава, исплашен, одма посочува дека одговорни се тие под него по функција. Дури и Ременска не чекаше ни час па ги прозва градоначалниците. Тие биле криви. На Кирацовски, генсекот и шеф на изборен штаб, Антикорупциска му фатила тројца негови роднини кои се незаконски вработени. За другите што ги вработил, немало проблем.

 

И, пази сега, вработените требало да дадат откази. А оние кои дигале телефони, ветувале или се заканувале од функција за да ги вработат надвор од закон, немаат одговорност. Штета за луѓето, какво оро весело играа лани во тунелот во Смоквица... милина.

 

Кога слушна дека следи метла и Пендаровски се огради и покажа со прст кон други: Ја поддржувам чистката што ја најави премиерот, кажа тој... Па вие пак трчајте за него.

 

Како бе чистка после 650 милиони евра инвестиции, вработеност, Гугл што чекаат на граница за да инвестираат само да го смениме името, Фолксваген што ќе ја отвори најголемата фабрика на Балканот токму кај нас, плати од 500 евра ... мед и млеко течат низ Македонија. Треба кај Папата да се пријават за светци, а не да ги чистат со метла

 

Патем, и ризична е таа чистка со метлата, ќе има и реакција. Многу работа е тоа. Толку ѓубре се има насобрано што метла не врши работа, туку мора со Кирби, со врела вода и јака пареа. Темелно.

 

Прв кој го изеде стапот од метлата беше поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи. Него уште ден по изборите му пратија смена, обезбедена од полицајци, ама он не се даде. Патем, изјави дека нема повеќе да соработува со оваа власт. До сега, нормално, соработувал ама не испорачал доволно Албанци во првиот круг па му се лутат од Бихаќка.

 

По поглаварот Реџепи контра удираат и од ДУИ. Не учествуваат во кампања за вториот круг.

 

А кампањата за втор круг на Пендаровски и СДСМ се состои во промена на противникот. Пошто загубија од Сиљановска и Мицковски, сега секој рефрен им е Груевски. Зарем за Груевски ќе гласате, веќе со промолкнат глас подвикнува Заев. А Груевски не е тука. Во Будимпешта е со знаење на власта и, верувам, таа излезна виза не ја добил бесплатно.

 

Можат тие колку сакаат да го воскреснуваат Груевски, и да му ја гланцаат суетата, но на избори ги чека Гордана Сиљановска зад која стои Христијан Мицковски. И изборот ќе биде Сиљановска или Пендаровски. Нема трет на списокот. Груевски е минато.

 

За да се добие и сочува власт СДСМ поапси и гони стотици вмровци. Според изјава на Заев дадена деновиве во Прилеп - поднесени се 750 кривични пријави против функционери на бившата власт! 750 во држава од 2 милиони! Ердоган е светец и либерал за нашиве. Затоа, да не се лажеме, од бившата власт на ВМРО ни камен на камен нема, се е во прогон.

 

Неколку пати Заев во својот романтизам и ренесанса побара народот да не гласа за партија која ја затворила А1 телевизија. Е, ова го чекавме со години. Да дадеш шлагворт, повод, да ја објавиме вистината. Телефонски документирана.

 

Велија Рамковски, веројатно еден од најдобрите медиумски менаџери кај нас, е уапсен на 24. декември 2010 година, околу 22 часот навечер, во просториите на А1 Телевизија.

 

Постојат телефонски разговори, кои сигурно ги има во СДСМ, а веројатно ги има и во СЈО, во кои разговараат тогашен висок функционер на МВР и екс претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски и заедно... да, да, заедно планираат апсење на Велија Рамковски. Кога високиот функционер на МВР му се пожалува на Црвенковски дека Велија може да им избега, Црвенковски одговара дека ќе се погрижи за тоа, ќе разговара со Велија да седи каде што е, да не се секира,  за потоа апсењето да биде успешно спроведено.

 

Јас, вечерта кога го апселе Велија, не знаев за намерите. Бев на вечера со Цеца Ражнатовиќ кога околу 22:30 бев повикан итно да дојдам во Сител каде ми беа објаснети деталите.

 

Овие разговори ги има Илија Громовник од Јутјуб, близнак на Никола Тесла, и веќе се пуштени во одбрано друштво новинари меѓу кои не сум бил и јас. Па го молам Илија Громовник, за атер на некогашното наше пријателство да ги пушти јавно, да ги чуеме сите а не само одбраните. Нема ништо приватно во нив. Тоа е свиркање за јавен интерес.

 

Има и други разговори во кои јавноста може да ја види и цени политиката на СДСМ, но ние не можеме да ги чуеме бидејќи откако се предадоа само разговорите за ВМРО оние за СДСМ станаа законски заштитени. А ги има многу: од интимни, до службени, од кримогени до интриги и местенки... Доволно за одговорност на барем стотина луѓе.

 

Сега Заев со соочува со нова ситуација. Не може да изврши напад со нови апсења пред вториот круг избори, нема нови телефонски разговори за наркоза на јавноста, нема броени пари за активисти на улица... Стево Пендаровски сакал да се јави во Брисел и да замоли за нова наредба до македонските граѓани, но не го знаел позивниот број на Европската унија.

 

Тука е, мириса на вонредни парламентарни избори доколку победи Гордана Сиљановска. Мицковски ја препозна шансата и запна со сите сили. Откако го продадовме македонското сонце за свеќа, патуваме низ мрак и јасно е дека трговците се простиле од владеењето.

 

Не му е на Заев грижа дали ќе ја загуби наскоро власта, секирациите се за многу по опипливи нешта. Тој и онака цел мандат не знае дали дошол или пошол... од власт.

 

И на крај. Кога Заев ќе го измете ѓубрето, каде ќе заврши истото?

 

(29.04.2019)

2

Најчитани вести