Првиот мрсен ручек после големиот велигденски пост не само што би требало да биде вкусен и разновиден, туку е неопходно и храната да се сервира на убаво уредена маса. Подготовката на свечената трпеза е вистинска можност да ја покажете својата креативност, но и во домот да создадете атмосфера на блискост. Еве неколку предлози што да подготвите за велигденскиот ручек, односно што би можело да се најде на велигденската трпеза.

Јагнешко со компири

Потребни состојки:

  • 1 килограм јагнешко месо
  • 500 грама компири
  • 4 чешниња лук
  • 5 гранчиња мајчина душица
  • 1 гранче рузмарин
  • 5 лажици маслиново масло
  • сол и црн бибер

Начин на приготвување: Рерната загрејте ја на 250 степени. Исчистете го месото, посолете го и ставете му црн бибер. Излупете ги компирите и исечете ги на коцки. Исчистете го лукот и исечкајте го тенко. Ставете го месото во рерната. Компирите, маслото, рузмаринот и мајчината душица добро измешајте ги, додајте им сол и црн бибер и рамномерно распределете ги во тавчето. Печете во рерна 20-ина минути, а компирите повремено промешувајте ги. Пред крајот додадете го сечканиот лук и вратете го тавчето во рерна уште неколку минути. Јагнешкото извадете го од рерна и оставете го да се олади. Сервирајте го месото на голема чинија заедно со компирите.

Велигденски венец со суво грозје

Потребни состојки:

  • 500 грама брашно,
  • 1 свеж квасец,
  • 250 милилитри млако млеко,
  • 100 грама шеќер,
  • 1 лимон,
  • 80 грама суво грозје,
  • 1 ванилин шеќер,
  • малку сол,
  • 2 јајца,
  • 100 грама путер.

За украсување: 2 жолчки, 40 грама бадеми, велигденски јајца.

Начин на приготвување: Ставете го брашното во подлабок сад и во средината направете длабнатина. Во длабнатината ставете ги нараснатиот квасец и една лажица шеќер. Замесете го тестото и оставете го да стасува 15 минути. Размесете го тестото и додадете ги преостанатиот шеќер, ванилиниот шеќер, изренданата лимонова кора, јајцата, путерот и преостанатото млеко. Оставете го да стасува уште 15-тина минути, па додадете го сувото грозје свалкано во брашно. Поделете го тестото на три еднакви дела и формирајте ленти со должина од 50 сантиметри. Од лентите направете плетенка и свиткајте ја во венец со пречник од 35 сантиметри. Венецот ставете го во немрснета тава обложена со хартија и оставете го да стасува 30-тина минути. Премачкајте го венецот со изматени жолчки и наросете го со исечкани бадеми (рендана чоколада, суво грозје, или по желба). Печете 30-тина минути на температура од 170 степени. Изладениот венец ставете го на елеагантна чинија, а во средината ставете неколку велигденски јајца.

1

Најчитани вести