„Она што се случи вечерва во Париз, во катедралата, е ужасен настан“, рече францускиот претседател Емануел Макрон и вети дека катедралата ќе биде обновена, најавувајќи отпочнување интернационална кампања за собирање средства за поправки и дека ќе ги донесе најдобрите архитекти во светот за целосно да ја реконструираат зградата. „Нотр Дам е нашата историја, нашата литература, дел од нашата психологија, местото на сите наши големи настани, нашите епидемии, нашите војни, или слободи, епицентарот на нашите животи… Затоа вечерва ветувам дека ќе ја обновиме заедно“, додаде Макрон.

Катедралата Нотр Дам во Париз, која важи за светско културно наследство, ја зафати огромен пожар кој избувна околу 19 часот по локално време, при тоа уништувајќи го покривот и главната кула.

Од противпожарната служба утрово соопштија дека пожарот е изгаснат.

Францускиот претседател Емануел Макрон во својата изјава истакна и дека најлошото е спречено и дека се спасени фасадата и двете главни кули на Богородичната црква. Министерството за внатрешни работи на Франција, пак, оцени дека сѐ уште постои опасност од уривање на црквата и дека експерти и архитекти денеска ќе разговараат околу стабилноста на објектот и ќе се донесе одлука дали пожарникарите смеат да ја продолжат својата работа во внатрешноста на катедралата. Оттаму велат дека оргулата и дел од сликите се оштетени.

Обвинителството отвори истрага, но полицијата вели дека пожарот започнал случајно и дека најверојатно е поврзан со градежните работи на катедралата. Маестралното готско дело старо 850 години беше подложно на реставрација поради претходни случаи на пожар и ерозија.

Илјадници жители на Париз беа сведоци на хоророт кој се случуваше пред нивните очи. Плач и молитви беше нивниот одговор на пламените јазици околу едно од најголемите архитектонски богатства.

Катедралата од 12 век е дом на бесценети уметнички дела и е една од најпознатите туристички атракции во светот, овековечена во романот на Виктор Иго од 1831 година - „Ѕвонарот на Богородичната црква“. Привлекува околу 13 милиони посетители годишно од целиот свет.

На социјалните мрежи корисници споделуваа свои спомени од посетата на Нотр Дам. Политичарите од целиот свет, пак, упатуваа сочувство и поддршка на францускиот народ.

Градоначалникот на Париз, Ана Хидалго објави на Твитер: “Немам доволно силни зборови за да ја изразам болката што ја чувствувам пред пламенот #NotreDame. Вечерва сите Парижани и Французи тагуваат за овој симбол на нашата заедничка историја.”

Градењето на катедралата посветена на Богородица Марија започнала во 1163 година и траело скоро две века. Првата голема реставрација на црквата била од 1844 до 1864 година.

1
loading...

Најчитани вести