Се намалува безбедноста на државата! Загрижувачки, по здравствените работници и лекарите, од земјава почнаа да си заминуваат и војниците и офицерите ангажирани од војската. 

Податоците на Министерството за администрација покажуваат дека во текот на минатата и во првиот квартал од годинава, од државните безбедносни институции, стотици вработени доброволно го прекинале работниот однос.

Според податоците на Министерството, во текот на минатата година, од армијата се откажале 100 лица од кои 8 офицери, 18 подофицери, 73 војници и еден цивил, додека во текот на првиот квартал од оваа година доброволно заминале 5 офицери и 20 професионални војници.

Тоа во изјавата за национална телевизија го потврди и заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, кој најави дека заради запирање на овој тренд, планирано е од септември платите да бидат зголемени за пет отсто. Освен тоа, и испраќањето во мировни мисии на Блискиот Исток ќе биде искористено како мотив за војниците, бидејќи на тој начин добиваат шанса да заработат по 20.000 евра за шестмесечна служба.

– Ако ги погледнеме статистиките во последниве години, се разбира дека 2018 година во однос на доброволните откази, покрај другите откази, е малку повисока. Ова може да се каже дека е резултат на трендот кај младите – изјави Максути.

 Во изјава за Нова Македонија,  Ристо Ајтов, претседател на Синдикатот за одбраната и безбедност, објаснува дека се поразителни бројките, кои неодамна беа презентирани во однос на доброволните раскинувања на работниот однос во армијата.

– Мојот личен став е дека ваквата состојба е фрапантна, бидејќи по медицинарите сега од земјата си заминуваат и војниците и полицајците. Станува збор за стотици луѓе што изминативе години доброволно ги напуштиле своите работни места единствено водени од финансискиот мотив. Со овој чин и самата безбедност на државата е намалена бидејќи се намалува и борбената оперативност и готовност на војската. За да замениш еден високостручен професионален војник или офицер со нов кадар во практика значи губење на две до пет години, во зависност од тоа што работеле претходниците, дали тие биле дел од специјалните единици, командата или логистиката – вели Ајтов.

1

Најчитани вести