Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска имаше средба со тимот на ученици од земјата кои ја креираа иновативната мобилна апликација SpeakOut за поддршка на жртвите од врсничко насилство, а за што од страна на УНИЦЕФ добија награда – менторска поддршка и 20.000 американски долари за дополнителен развој, имплементација и промоција на нивната иницијатива.

„Министерството, државата и јас како министер сум исклучително горд на вас. Како млади и бистри умови вие покажавте дека имате идеи и енергија да создадете подобар свет за себе и за сите нас. И како индивидуи и како тим, покажавте дека може да се направат крупни промени кои ќе го придвижат не само нашето општество, туку и воопшто светот“, рече Адеми пред учениците кои се натпреваруваа под името „АндроМета“, додавајќи дека државата заедно со сите општествени чинители, како и со УНИЦЕФ ќе продолжи да ги поддржува младите таленти и да инвестира во надградба на нивното знаење, креативност и иновативност.

SpeakOut е мобилна апликација која има за цел да ги мотивира младите анонимно да побараат помош и/или да дадат поддршка на своите врсници. На младите кои евентуално би ја користеле, апликацијата им нуди две опции за добивање помош – јавно да објават и да добијат помош од другите членови во заедницата или да разговараат со волонтер, приватно, еден-на-еден.

Во рамки на младинскиот предизвик Genration Unlimited се вклучија повеќе од 800 иноватори од 16 земји. Петте победнички тимови, меѓу кои и тимот од Северна Македонија составен Александра Поповска – 18 години, Дарио Стојанов – 16 години, Матеј Плавевски – 16 години, Амра Личина – 17 години и Данче Петрушевска -18 години, беа претставени минатата недела во Њујорк.

извор: Makfax

1
loading...

Најчитани вести