Замислете на денешната утакмица химната била интонирана без зборови. Епа се прашувам дали тогаш е слободна Македонија, ако е иредентизам да ја пеете химната, праша кандидатката за претседателка на државата Гордана Сиљановска Давкова на митингот во Велес.

„Дали е ова слободна земја и дали навистина не треба повторно да се бориме за право и правдини, ако Уставот ги пишува трите најважни симболи на државата меѓу кои и химната, покрај грбот и знамето. И се прашувам дали за власта важат законите оти има закон што се носи со 2/3 мнозинство, исто со какво се носи и Уставот за да се каже какво е значењето и јачината на химната, дали важи овој закон за премиерот и за владата. Се разбира сите се под Уставот и законите во слободна земја, ама јас се плашам дали оваа земја сè уште е слободна“, нагласи Сиљановска Давкова.

Таа потсети дека во текот на преговорите за Преспанскиот договор кога рекла дека прво на удар ќе биде химната и одговориле цинично дека не било така и дека во преговорите химната ќе била задржана.

„Власта треба да знае дека химната е историска слика на Македонија. Химната е историски, национален наратив за граѓаните на Македонија. Не знам кој им дава право да ги тргнат зборовите од химната. Оти химната не е само музика. Химната е пишаното, историјата, болните зборови, битката за право и правдини. Но не знаат дека кога забрануваат ние уште посилно и попосветено ќе го правиме тоа. Сами ќе ја пееме химната гласно“, истакна Сиљановска Давкова.

Таа рече дека нејзината победа на 21 април ќе отвори пат за предвремени парламентарни избори.

„А новото парламентарно мнозинство, новата влада нема да бара од граѓаните да ги забораат зборовите на химната или во себе да си ги говорат и да тагуваат. Туку новата влада со граѓаните ќе ги пеат зборовите од химната, со нив ќе го вее знамето, со граѓаните ќе го изговара светото име со кое одраснале Македонија. А, северна нека си го изговара оваа власт која ќе изгуби на предвремените парламентарни избори и ќе остане на темните страни од македонската историја“, рече Сиљановска Давкова.

извор: Makfax

7
loading...

Најчитани вести