Актуелните опозиционери имаат забелешки на учеството на актуелните државни функционери во кампањата за претседателските избори. Членовите на актуелната власт пред неколку години како опозициски лидери исто така имаа забелешки на учеството на тогашниот премиер и министрите во кампањите за парламентарните избори. И сѐ така во круг. На крајот сѐ се сведува само на етичката димензија.

Само ако е после работнто време и да не се трошат државни ресурси. Така пишува во Изборниот законик во однос на ангажманот на државните службеници за време на политичките кампањи. Државните службеници не кршат никакви законски регулативи додека агитираат за партиите, а ги исполнуваaт овие услови, сметаат аналитичарите. Сепак останува моралната дилема бидејќи тие се избрани да работат во служба на сите граѓани, а не само за оние кои ги гласале.

До каде е црвената линија што не треба да ја преминат?

„Сѐ додека државните службеници не трошат државни ресурси додека агитираат за кандидати при избори или за партиски активности, не кршат никакви законски регулативи, но сепак, останува моралната дилема дали ова е во ред, со оглед на тоа што тие работат во служба на сите граѓани“, изјави за време на последните локални избори комуникологот Петар Арсовски.

На тие избори на својот официјален фејсбук профил, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска објави како насловна фотографија  дел од плакатите на СДСМ за локалните избори. Таа го објавила и линкот на платформата на оваа партија „Живот во Македонија“.

Царовска тогаш на ова одговори дека таа е член на работни тела на СДСМ, а во владата е ангажирана на предлог на оваа партија. „Таа ја спроведува програмата „Живот во Македонија“, која беше предложена на парламентарните избори. Сите ангажмани поврзани со партијата, Царовска ги спроведува исклучиво и строго надвор од работното време и исклучиво за време на викенд. На официјалната фејсбук страница на Министерството за труд и социјална политика не постојат постови со партиска содржина. Министерката повлекува строга граница меѓу ангажманот како министерка и партискиот ангажман“, соопштија тогаш од нејзиниот кабинет.

Вообичаено е во период на кампањи министрите да се поангажирани во своите секојдневни обврски, да се порасположени во однос на нивното присуство на разноразни конференции, на трибини на невладини организации, да бидат поотворени со новинарите во однос на најавите на нови проекти, да најавуваат или отвораат нови патни правци, најавени инвестиции...

Препорачаната воздржаност за време на кампањите не е карактеристика на нашите балканските функционери. Тоа секогаш ја доведува во прашање рамноправноста во натпреварот за освојување на гласовите на изборите.

За Соња Стојадиновиќ, политички аналитичар, за актуелните претседателски избори вели дека Стево Пендаровски уште од стартот има предност затоа што е кандидат на владејачката партија.

„Со таа позиција сосема е непотребно присуството и учеството на Владата и премиерот во неговата кампања за претседател. Со самото тоа што тој е кандидат на СДСМ, јасно е дека премиерот Заев како претседател на Социјалдемократската партија е негов поддржувач, а од позиција на премиер, автоматски има поддршка од Владата. Присуството е непотребно бидејќи остава впечаток и на одредена несигурност на СДСМ во победата на господинот Пендаровски. За жал, одамна се престана со правење разлика помеѓу локални, претседателски и парламентарни избори. Сите избори станаа една огромна борба за приграбување на се повеќе власт. Овој тип на мешање во кампањите го правеше ВМРО-ДПМНЕ, и за тоа време тие беа обвинувани за нефер однос и кршење на етиката при кампањите. Истата грешка не треба и СДСМ да ја повторува бидејќи со тоа им се дава кредит на критичарите кои ги ставаат во категорија дека 'сите се исти'. Исто така треба да се престане со наметнување на флоскулата: бираме мајка/татко на нацијата. Граѓаните се ставаат во позиција на мали деца на кои им е потребен родител. Очигледно е дека многу лекции од минатото, посебно од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ не се научени“, вели Стојадиновиќ.

Дарко Алексов од граѓанската асоцијација МОСТ, набљудувачи на сите изборни процеси во Македонија, вели дека учеството на овие функционери во кампањата е дозволено, со тоа што истото треба да се случува по завршувањето на работното време, зашто во другиот случај би претставувало мешање на државата и партијата.

„Законите кои ја регулираат работата на државните службеници и вработените во јавниот сектор предвидуваат дека овие лица не смеат да учествуваат во изборни активности во текот на работното време, што значи дека учеството во вакви активности по работното време е дозволено“, вели Алексов.

И од антикорупциската комисија овој проблем го сведуваат на почитувањето на законските одредби - кампања после работно вереме и некористење на државни ресурси.

„Учеството на државните функционери во изборна кампања и нивниот настап не е забрането. Дозволен е нивен настап и тоа е децидно кажано во член 8а, став 2 од Изборниот законик. Но, се напоменува дека не смее да има злоупотреба на државни ресурси. Притоа треба да се акцентира етичкиот момент, односно настапите да не се во работно време и да не се носат вработени“, вели во изјавата за МКД.мк Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Сепак, за овие случаи останува онаа етичка димензија во однос на фер старт на изборните кампањи.

(Извор: мкд.мк)

3
loading...

Најчитани вести