Претседателот на Владата, Зоран Заев предводи владина делегација на 8-от Самит на Шефови на Влади од ЦИЕ и НР Кина од процесот 16+1 којшто оваа година се одржува во Дубровник, Република Хрватска. Во рамки на овој Самит, премиерот Заев учествуваше на пленарната сесија на којашто се обратија премиерите на земјите учеснички на самитот.

„Република Северна Македонија силно ја поддржува иницијативата 16+1. Веруваме дека има огромен потенцијал за да ги унапредиме нашите партнерства, но и да креираме нов економски и бизнис потенцијал. Соработката на НР Кина со земјите од ЦИЕ е одлична платформа и дополнителен канал за комуникација и соработка на нашата земја со НР Кина во повеќе различни сектори. Република Северна Македонија го финализира своето членство во НАТО оваа година и сме фокусирани на отворањето на преговорите со Европската Унија и во тој правец иницијативата 16+1 е комплементарна со овие наши напори“, истакна премиерот Заев во своето обраќање.

Toj посочи дека нашата земја има бенефит од зајакнувањето на билатералните односи со НР Кина и во тој правец посочи на двата инфраструктурни проекти кои произлегуваат како резултат на иницијативата 16+1, продолжува изградбата на автопатот Кичево – Охрид, а наскоро се очекува и официјално пуштање во употреба на автопатот Миладиновци – Штип кој се наоѓа во финална фаза на изградба.

„На 30-ти и 31-ви октомври 2018 година во Скопје успешно беше реализиран „5-от Тинк танк Симпозиум на земјите од ЦИЕ и НР Кина. Ова беше прв настан од ваков тип организиран во нашата земја. Симпозиумот имаше 4 панели на дискусија кои беа исклучително продуктивни, со конкретни предлози и решенија. На маргините на овој симпозиум беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу нашата академија на науки и уметности МАНУ и кинеската академија за општествени науки (CASS). Од 19-ти до 21-ви ноември оваа година во организација на Министерството за култура и Координативниот центар за културна соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина ќе се одржи „4-иот форум за културна соработка помеѓу земјите од ЦИЕ и НР Кина“.

Во таа насока Координативниот центар за културна соработка лансираше веб платформа којашто ќе користи за комуникација и координација на институциите од културата на 17-те земји и треба да обезбеди компатибилност и комуникација помеѓу софтверските програми на националните културни установи, односно тоа е алатка за директна комуникација и размена на информации помеѓу нив“, соопшти премиерот Заев.

извор: Makfax

8
loading...

Најчитани вести