Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со Хулуси Акар, министер за национална одбрана на Република Турција, кој престојува во официјална посета на земјата.

Џафери оцени дека одржувањето на интензивна комуникација меѓу двете земји на високо ниво, силно придонесува за унапредување на севкупните односи и посочи дека наши војници во моментов се дел од турскиот контингент во мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

Претседателот на Собранието го информираше гостинот за реформската агенда и унапредувањето на добрососедските односи преку надминување на разликите и отворените прашања со соседите во изминатите две години. Тој се осврна и на потпишувањето на Протоколот за членство во НАТО, укажувајќи дека со оглед на брзината со која се одвива процесот на ратификација на Протоколот во земјите членки на Алијансата, се надеваме дека до Самитот на НАТО во Лондон, земјава ќе стане 30-та членка на НАТО. Во контекст на интеграцијата во ЕУ, очекуваме во јуни 2019 година да биде определен датум за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во Унијата.

Џафери се осврна и на плодната парламентарната соработка, како на билатерално ниво, меѓу парламентите на Република Северна Македонија и Република Турција, така и на мултилатерално ниво, во рамките на меѓународните парламентарни собранија, а особено во Парламентарното собрание на НАТО.

Министерот за национална одбрана, Хулуси Акар истакна дека Република Северна Македонија е многу значајна за Република Турција и изрази поддршка на реформската агенда на земјата, позитивно вреднувајќи го унапредувањето на добрососедските односи. Турција останува силен подржувач на евроатланското и европското интегрирање на Република Северна Македонија и е подготвена, како и досега, да ја подржи земјава на тој план. Тој посочи дека на сите средби била подвлечена заложбата за понатамошно унапредување на соработка меѓу двете земји, пред сè во полето на одбраната. Министерот Акар подвлече дека Турција дава логистичка поддршка за опремување, едукација и обука на нашата Армијата и нагласи дека можноста за школување и обучување во воените школи во Турција досега ја искористиле 1200 припадници на Армијата. Истовремено, тој посочи дека припадниците на нашата армија кои работат заедно со припадниците на турскиот контингент во Авганистан, се многу успешни во својата работа.

На крајот на средбата, соговорниците изразија надеж за понатамошно унапредување и продлабочување на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција на планот на одбраната, како и во сите други полиња.

На средбата присустваа и Хари Локвенец, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност и Илија Николовски, заменик на претседателот на Комисијата.

извор: Makfax

Најчитани вести