И ПО 88 ГОДИНИ НАСТАНИТЕ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА НЕИЗБРИШЛИВИ

Налегендата за д-р Рајс на Кајмакчалан

На врвот Кајмакчалан (2.521 м.) на Ниџе Планина, во црквата "Св. Петар" се уште се чува урната каде било сместено срцето на Швајцарецот Р.А.Рајс, кој како учесник во Првата светска војна има документирано бројни настани за учеството на македонското население во оваа војна што оставила неизбришливи траги кои се уште се среќаваат на повеќе страни

Се навршија 88 години од завршувањето на Првата светска војна. Дел од тие трагични настани во кои учествуваа 20-тина земји се одвиваа на терените на Македонија. Меѓу нив се издвојува врвот Кајмакчалан на Ниџе Планина каде се случи пробивот на Солунскиот фронт и борбите во околината на Битила. На повеќе места на овие терени се среќаваат гробови, спомен-чешми и обележја, натписи, што опоменуваат за безмисленоста на војувањето за многубројните жртви. Ги има од разни националности, Срби, Бугари, Французи, Англичани, Руси. Многу малку Македонци зашто тие, иако не беа директни учесници во неа, учествуваа во нејзините воени операции. Најпрвин мобилизирани кај бугарската војска, а потоа кај српските и француските единици. Таквото нивно учество однесе многу млади животи, стави во црно мајки и сестри. По налетот на завојуваните страни младите жители од мариовските села во подножјето на Кајмакчалан и Пелистер беа носени на фронтот во бугарската или српската војска. Хроничарите регистрирале и многу трагични настани кога еден брат служел во бугарската војска, а друг во српската. Падините на Кајмакчалан се уште кријат многу нерасветлени настани од тој период. Останале неевидентирани низа судбини. За други попознати личности се плетеле легенди, се пишувале книги, се подигнувале споменици.
ШВАЈЦАРЕЦ
На самиот врв Кајмакчалан (2.521 м.) уште во 1917 година кога поголемиот дел од борбените акции не беа завршени, српските војски започнаа да градат верско обележје кое година дена потоа беше претворено во црква, а после неколку години и осветена заедно со спомен костурницата каде се собраа коските на сите загинати од околината. Црквата "Св. Петар", лоцирана на самата македонско-грчка граница чува и една легенда за Рудолф Арчибалд Рајс. Можеби затоа што по неговата смрт во 1928 година посакал неговото срце да биде обвиткано во злато и сместено во посебна урна во црквата на Кајмакчалан. Многу години потоа безброј преживеани борци, посетители, историчари, престојувајќи низ терените каде се одвиваа борбите на Кајмакчалан, ја посетуваа црквата со урната на д-р Рајс се до Втората светска војна кога тие терени повторно не ги запоседнаа бугарските војски. Тогаш исчезнало и срцето на д-р Рајс, но по завршувањето на војната спомените и раскажувањата за него останале. И новопоставената урна во возобновената црква ја крие легендата за него.
Таа како да беше повод многумина да ја истражуваат оваа личност, да проникнуваат во неговите дела. За едни тој е позитивна личност, затоа што како хроничар и криминолог учествувал во неа од страната на Србија залагајќи се за војните да не бидат можност за разрешување на меѓународни проблеми, а според други е споменуван како контроверзна личност. За Србите, пак, тој бил проверен пријател и симпатизер зашто и после Првата светска војна останал во Белград каде и починал и каде се наоѓа неговиот гроб и споменик.
Историчарите забележале дека тој не бил лекар, туку професор, криминолог, фоторепортер и дописник за весници во неколку земји, известуваќи директно за настаните од фронтот. Бидејќи со почетокот на војната тој од швајцарската влада не можел да биде ангажиран како доброволец во неа, во Лозана, каде што живеел, добил покана од српската влада да замине во Мачва и да ги истражува ѕверствата што биле направени. Рајс преку Италија и Атина отишол во Србија, а по повлекување на српската војска низ Албанија во Крф и Видо, дошол со нејзините единици со кои подоцна учествувал во пробивот на Солунскиот или Македонскиот фронт, како што се нарекува. За своите доживувања, посетите на Битола, мариовските села, д-р Рајс издал и книги, низ кои регистрирал значајни настани, битни и за историјата на македонскиот народ во нив.
ШИПИНКАРОВСКИ
Петко Шипинкаровски од с. Будимерци, а кој по дипломирањето на Факултетот за безбедност и општествена самозаштита живее во Струга, го истражувал животот на Р. А. Рајс и објавил книга за него насловена како "Рајс за Македонија и Македонците". Тој во неа вели дека д-р Рајс е позитивна личност за македонската историја зашто пишувал дека Македонецот не може да се нарече ни Бугарин, ни Србин, туку просто Македонец. Шипинкаровски, црпејќи материјали и од издадените книги на д-р Рајс има изнесено и повеќе други вистини за трагичните настани и односот на македонското население во нив. Во Битола има и улица што го носи неговото име, а легендата за Швајцарецот Рајс и натаму кружи низ местата каде што се одвиваат трагичните настани од 1914 до 1918 година, а кои и после толку години имаат видливи траги. Урната на д-р Рајс на Кајмакчалан е една од нив, како и караулата со неговото име под самата црква каде, пак, во Втората светска војна, во напад на бугарската караула загинаа седум борци на Седмата македонска бригада меѓу кои и народниот херој од Битола, Естреја Овадија - Мара. Таа легенда за д-р Рајс и натаму е опомена за војна и страдањата што ги носи таа.

Петар СТАВРЕВ

Најнови вести

Коментари