ЕКСКЛУЗИВНО: ФЕЉТОН СО СВЕДОШТВА НА ПРОТЕРАНИТЕ МАКЕДОНЦИ ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (2)

Масовни гробници има и во Грција

Некои велат дека овде во Лерин почиваат 700, други дека се 1.200 борци, а тие всушност се многу повеќе од 1.200. Не само во околината на Лерин, туку во секој град во Грција, се уште има неоткопани гробници каде се закопани и Грци и Македонци, вели некогашната партизанка Евдокија Фотева - Вера, учесничка во Граѓанската војна во Грција. Таа објаснува и дека во текот на војната, Комунистичката партија на Грција ги признавала како Македонци!

- Ние со Грците не се делевме, за слободна демократска Грција од една граната заедно гинеа и Грк и Македонец. Некои велат дека овде, во Лерин, почиваат 700, други дека се 1.200 борци, а тие всушност се многу повеќе од 1.200. Не само во околината на Лерин, туку во секој град во Грција, се уште има неоткопани гробници каде се закопани и Грци и Македонци. Многу од нашите другари си отидоа, а ние, неколкуте преживеани борци, сакаме да и укажеме на светската јавност дека масовни гробници нема само во Босна, ги има и во Грција.
Ова го изјавува некогашната партизанка Евдокија Фотева - Вера, учесничка во Граѓанската војна во Грција.

Во текот на Граѓанската војна, како што објаснува Фотева, Комунистичката партија на Грција ги признавала како Македонци.
"И ние, Македонците, имавме наши македонски организации и дејствувавме заедно со грчките, заедно делевме се. Пред 3-4 години претставници на КПГ дојдоа во Скопје. Им дадовме книги со имиња на македонски борци. Не прашаа зошто во Грција и ден-денес немаме обележано место каде се починати Македонците. Им реков дека е така, при што потенцирав: "Ако бевме заедно во војната, може ли и сега да бидеме заедно. Се согласија, по што следуваше покана. Но, ако не беа тие, ние воопшто не ќе можевме да ја посетиме гробницата. Ја прифатиме поканата на КПГ, бидејќи тоа беше единствена можност да ги видиме Вичо, Грамос, местата каде што се боревме. Не постои друг начин да влеземе во Грција, а мораме да им докажеме дека заедно се боревме за демократска Грција. Во однос на македонското прашање секоја година ни ветуваат дека ќе го покренат. Но, по се изгледа и тие се плашат".

БИТКАТА ЗА ЛЕРИН
Потсетувајќи се на битката за Лерин, Фотева вели: "Ноќта на 12 февруари ги нападнавме и ги победивме монархофашистите во бункерите. Одевме по рововите. Дојдоа авионите, небото поцрне. Ние немавме авиони, се боревме со пушки. Почнаа да бомбардираат. Тогаш не загинаа само борци, туку и обичен народ. Земјата се тресеше и неколку дена по
бомбардирањето. Со булдожери ги собираа мртвите. Многу болно чувство. На сите мирољубиви народи им порачувам таква војна никогаш да не се случи, зашто гинат оние кои се невини и оние кои ја сакаат правдата. А оние кои ја сакаат правдата, никогаш нема да бидат признати. Еве, ние кои бараме човекови права ништо не добивме".

ИМАВМЕ ШКОЛИ ПРИЗНАТИ СО УКАЗ
"Сега, кога е уништена спомен-плочата на гробницата во Лерин, уште полошо е - потенцира партизанката Фотева - чувството кога знаеш врз што газиш. Каде и да згазнев мислев дека газам врз труповите на моите другари. Тоа е многу страшно".
Мизерно е и чувството да не те признава оној со кој заедно си се борел...
"Ние сме Македонци. За време на нашата посета во Лерин имаше многу Македонци борци, кои денес живеат во Грција. Беа воодушевени од нас, многу плачеа, зашто беа меѓу свои. Филмот кој ни го прикажа КПГ, а зборува за Граѓанската војна, беше автентичен, ги имаше сите настани, но во него воопшто не се зборува за Македонци. Ја покажаа Мирка Гинова, рекоа дека е прва жена која е стрелана од монархофашистите, но не кажаа дека е Македонка. Се боревме заедно со припадниците на Комунистичката партија на Грција, а тие ни ветуваа дека доколку се ослободиме од фашизмот, Македонците ќе ги имаат сите права. Македонците масовно се приклучуваа кон КПГ, им се ветуваше дека заедно ќе ја ослободат Македонија. За време на ДАГ имавме школи признати со указ.

Имавме и наши, македонски весници. По 1982 година Владата на Папандреу поведе перфидна политика според која во Грција можат да се вратат само Грци по род. Во Скопје има многу наши другари команданти кои не сакаа да се запишат како Грци. Македонците секогаш се бореле за Грција, за да ја ослободат, па зошто сега Грците да се плашат од Македонците и зошто Македонците да немаат никакво право. Грците сакаат
да ја присвојат Македонија".

ЗАБРАНЕТ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
Фотева објаснува дека за време на генералот Венизелос, подоцна и на Метаксас, им бил забранет македонскиот јазик и сите топоними биле преименувани на грчки јазик. Грците, и тогаш и денес, ја застапуваат тезата дека во Грција треба да има еден народ, еден јазик.
"А на албанскиот фронт ги собраа сите за да се борат да ја ослободат Грција. Денес во сите држави постојат многу јазици, а грчката држава не признава човекови права. Во Грција има многу историчари кои ја пишуваат вистината за Граѓанската војна, но не се прифатени од грчката Влада. Грците сакаат и името да ни го земат. Ние во Македонија ги штитиме гробовите на француските, на германските, на бугарските војници од сите војни. А Грците не сакаат ниту да слушнат за македонски борци, камоли да ги штитат нивните гробови", посочува Фотева.
Карактеристично е тоа што додека траеше посетата на Гробницата, постојано беше присутна и грчката полиција. Проструи информација дека таа е тука за да ги штити македонските гости во случај да дојде до судир меѓу националистите и комунистите. Веројатно тоа беше меч со две острици.

"Го знаев тоа и затоа реков: Знаеме дека тука има уште сили како Караџаферис, предводник на националистите, кому му помина времето".

Евдокија Фотева-Вера е родена во село ДДмбени, Костурско, во семејство со револуционерна традиција. Учесник е во Антифашистичката и Граѓанската војна во Грција. Во тоа време зазема значајни раководни места, НОФ, АФЖ, итн. По поразот на ДАГ во 1949 година, заедно со неколку врвни македонски раководители е "обвинета за поразот" и оттогаш почнува нејзината голгота, која завршува во 1956 година, кога всуш -
ност се враќа во Македонија. За нејзините заслуги во Антифашистичката и Граѓанската војна е одликувана со многубројни признанија.

ВЕЧЕР пренесува дел од книгата "Аргументи од црниот тефтер на жртвуваните", каде се пренесени потресните автентични сведоштва на седумдесетина учесници и жртви на Граѓанската војна во Грција.
Автори на книгата се Жаклина Митевска и Ташко Јованов, уредник - Александар Ѓорѓиев, а издавач е Здружение на сетинци и попадинци од Лерин во Македонија и ДНИД Македонско сонце.



ПОДГОТВИЛ: Дејан ТРАЈКОСКИ

Продолжува: Казнет оти на добитокот му говорел на македонски јазик


Поврзани

Најнови вести

Коментари