logo
logo
logo

Знаете ли кој е Стефан „Железниот“ од Битола? Живеел 104 години и 131 ден

Vecer | 23.05.2021

Знаете ли кој е Стефан „Железниот“ од Битола? Живеел 104 години и 131 ден

За некои луѓе од македонската историја ретко слушаме, а се запаметени поради неверојатните работи кои ги направиле.

Таква е и приказната за овој битолчанец, кој на повеќе од еден начин успеал „да и служи на татковината“.

Во 1865 година, во селото Долно Врбени, во Егејска Македонија се родил еден јунак кој ја воздигнал борбата, боксот, атлетиката и многу други спортови.

Стефан Ролев бил високо и атлетски развиено момче, па затоа го добил прекарот „Железниот“.

Стефан Ролев Железниот, бил роден во селото Екшису (Врбени), Леринско, Егејски дел на Македонија и бил учесник во Илинденското востание и во ослободителните борби на македонскиот народ од поилинденскиот период.

„Железниот“ јунак

Стефан во 1901 година се вклучил како комита во четата на војводата Марко Лерински.

Тој во илинденскиот период постигнал забележителни успеси и бил познат по неговата суровост кон непријателите.

Едно е сигурно, Ролев бил човек кој што знаел како да преживее.

За време на борбите Ралев се стекнал со повеќе воени вештини, а уморот од прекумерната обука го челичел неговото тело.

Во тој период бил познат како војводата Бигленски и Лерински.

Неговиот животен век покажува дека тој навистина не само што бил „железен“, туку и „челичен“, што ќе прочитате понатаму.

По востанието и демобилизирањето на четите Стефан одлучил да се посвети на спортот.

Тој самиот, благодарение на своите извонредни физички предиспозиции, заради што бил нарекуван “Железниот Ролев”, се занимавал со низа спортови: гимнастика, акробатика, атлетика, дигање товар, пеливанство, бокс, велосипедизам, мотоциклизам и планинарство.

Го обиколи светот, но повторно се врати во татковината

Со група спортисти Ролев патувал по европските земји и во САД, каде што добро се запознал со гимнастичките системи и спортот.

По враќањето во Македонија, најголемиот дел од животот го поминал во Битола, каде организирал спортски настани.

Во 1908 година во Лерин го основал гимнастичкото друштво „Бигленски јунак”, а набрзо во Битола го основал и раководел гимнастичкото друштво „Пелистерски јунак”.

Во Битола, уште во времето на младотурскиот режим, Стефан го организирал и првиот бокс-меч.

Мечот го одржал со спаринг партнер, кој боксерската вештина ја научил за време на престојот во Индијанополис во САД.

Интересен е фактот дека бокстерските ракавици ги подарил битолскиот апотекар Крсте Франго, а браќата Манаки со својата камера 300“ го овековечиле моментот.

Самиот Ролев го привлекувал вниманието благодарение на своите вештини: кршење камен на градите, виткање железо, акробатски вежби на велосипед.

Тој во 1911 година за малку ќе скршнел од патот на спортот кога сакал да изврши атентат на султанот за време на неговата посета на Битола, но бил спречен во намерата.

Знаел да приготвува пеколни машини како и бомби.

„Турците ме нарекоа човек-ѕвер!“

Една негова изјава од едно интервју ќе остане за сите генерации:

„Бев терорист, ја пренесов бомбата по тајниот ходник до Отоман банка, комита, војвода и мировен судија за нашето население.

Го ликвидирав Али Черкезот наречен `Лерински тиранин`, злогласениот Ибраим наречен `крволак`.

Турците ме нарекоа „човек – ѕвер“.

Оти бев многу силен, вистински гладијатор, бестрашен и ризичен тип, склон кон авантури.

За Македонија жив во оган ќе влезев, ако тоа Организацијата ми го наредеше.

Но истовремено ги проучував фискултурните системи на Англија, Швајцарија, Шведска, Данска, Норвешка, Полска и Чехословачка.

Давав јавни –атлетски приредби со учениците за Битолчани… Мислам дека мојот живот корисно го одживеав, ставајќи го на олтарот на Македонија.“

Во 1911 година приготвил атентат на султанот при неговата посета на Битола, но таа негова намера била спречена од повидни луѓе во Организацијата.

Тој и на поодмината возраст не се откажувал од спортот и соработувал и огранизирал многу спортски манифестации.

Децата го обожавале „Дедо Роле“ кој раскажувал забавни приказни за неговите возбудливи авантури.

По сe што преживеал во животот Стефан навистина докажал дека е „железен“, затоа што живеел 104 години и 131 ден.

Починал во Битола на 24 декември 1969 година кога имал проживеано 104 години и 131 ден.

Во секој случај тој бил еден од најсестраните македонски спортисти на сите времиња и еден од најистакнатите педагози и дејци во областа на физичката култура во Битола и Македонија.

Под негово раководство членовите на “Пелистерски јунак”, кои претежно биле ученици, носеле свои клупски униформи, се занимавале со строеви вежби, со вежби на подвижни справи и со некои спортски и културно-уметнички активности.

Повремено приредувале јавни настапи во Битола.

Фото: ФБ

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk