Возрасни, хендикепирани, болни лица од ланскиот септември, како што пренесува Сител, не се во можност да излезат од дома бидејќи живеат на погорните катови во станбена зграда каде лифтот е надвор од функција. На 9 септември во зградата на ул. Пушкинова во Кисела Вода се случила трагедија во која настрадал работник. Тoј паднал од 6 кат во окното на лифтот каде што се движи кабината. Од тогаш лифтот е запечатен поради увид од Oбвинителството и до денешен ден не е во функција. Заедницата на станари испратиле  ургенција за предметот на 18 јануари оваа година, но се уште не било ништо преземено.

Со какви потешкотии се соочува за да излезе од дома  сведочи и 86-годишната Вера која користи помагала за движење и живее на 5 кат.

Од Обвинителството за Сител велат дека предметот е во фаза на предистражна постапка. Се уште се постапува по дел од наредените вештачења од аспект на техничката исправност на лифтот.

– Надлежниот јавен обвинител разговараше и со претставници на заедницата на станари на зградата, на кои и директно им објасни дека во овој момент лифтот се уште не може да биде пуштен во употреба, како поради истражните дејствија и проверки кои се во тек, така и од причини што не може да се гарантира безбедност на лифтот.

Од Општина Кисела Вода потврдуваат дека повеќепати станари од оваа зграда пријавувале за различни проблеми и тврдат дека општинските инспектори секогаш  излегувале и постапувале во рамки на нивните надлежности.