Во последните две недели повеќе од 100 илјади граѓаните се пријавиле за вакцинација на vakcinacija.mk, а бројот на заинтересирани надмина 400.000, информираше вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Тој апелира до граѓаните да се пријавуваат за вакцинација за што поскоро да се стави крај на пандемијата.

Од вчера започна и масовна вакцинација во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес, а отворен е и пунктот за имунизација во салата на медицинското училиште во Прилеп. По петдневен прекин, од денеска продолжува вакцинацијата во Здраствениот дом во Македонски Брод.

Масовната вакцинација продолжува во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица и Охрид.

Паралелно со вакцинацијата, продолжува и смирувањето на епидемијата со Ковид-19. Вчера од направени 1.489 тестирања, а беа регистрирани 14 нови случаи, што е под еден процент од вкупниот број тестирани. Пријавени беа вкупно 13 починати и 103 оздравени пациенти

Од починатите, пет лица починале во домашни, а останатите осум во болнички услови, информираа од МЗ.

Досега во земјата се направени вкупно 779.581 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.071, бројката на оздравени пациенти е 147.043, на починати е 5.342, а бројот на активни случаи изнесува 2.686.

Најмногу активни има во Скопје – 1087, следи Куманово – 251, Битола – 181, Охрид  -180, Прилеп – 117, Тетово – 103. Во другите градови има под 100. Во Демир Капија и Дојран нема активни случаи, а во Берово и Пехчево само по еден.

На лекување во болниците низ целата земја има 318 ковид-пациенти, од кои 137 се во главниот град. На располагање има 574 болнички кревети.

Бројот на приеми се намалува во изминатите денови, така што болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.

Во Скопје, на Инфективна лежат 68 болни, во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 50 и 19 се хоспитализирани на Институтот за ТБЦ.

Според извештаите на болниците во другите градови, во Битола и во Велес болнички се лекуваат по 17 луѓе, во Штип 19, Тетово има пет пациенти, Куманово 34 позитивни и сомнителни на вирусот.

Во Охрид се хоспитализирани 25, во Прилеп 12, двајца во Гостивар, 22 во Струга, 13 во Струмица, по четворица во Кочани и Кавадарци, седум во Кичево, а во Гевгелија нема ковид-пациенти.

Полицијата и натаму врши контрола за време на полицискиот час. Од 00.00 часот до 04.00 часот вчера утрото, 26 лица не ја почитувале забраната за движење, информира МВР. За неносење маска, биле регистрирани 449 прекршоци, соопшти полицијата.  

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата и сите заеднички да придонесеме за спречување на ширењето на Ковид 19.

Досега во светот околу 170 милиони се инфицираа со коронавирусот, од Ковид-19 починаа околу 3,5 милиони лица, а оздравеа околу 150 милиони луѓе.

На вториот ден од самитот на ЕУ, шефовите на држави и влади разговараа за Ковид-19, вакцинацијата и перспективите за враќање во нормала во ЕУ како и во остатокот од светот, а стана збор и за вакцинирање на малолетници и помош за трети земји, јави вчера дописничката на МИА од Брисел.

Европската Унија останува на целта дека до крајот на јули ќе биде вакцинирано 70 отсто од населението, цел која со сегашното темпо се чини остварлива според ЕУ лидерите, пренесе попладнево претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, иако остануваат преокупациите за можни нови мутации на Ковид-19 против кои сегашните вакцини не би биле ефикасни.

Лидерите на ЕУ во вчерашните заклучоци се заложиле да им помогнат на третите земји, вклучително и соседните земји, како Западен Балкан.

Од САД вчера стигна веста дека го преминале прагот од 50 проценти вакцинирани возрасни граѓани. Целта, како што најави претседателот Џо Бајден, е до националниот празник 4 јули, 70 проценти од возрасните Американци да примат барем една доза вакцина.

Турските здравствени власти планираат да вакцинираат над еден милион луѓе дневно.Турското Министерство за здравство е подготвено да администрира повеќе од еден милион дози вакцини против Ковид-19 дневно, јави вчера Си-Ен-Ен-Турк.

Компанијата „Модерна“ вчера соопшти дека нејзината вакцина е 100 процентна ефикасна во испитувањата кај младите луѓе, исто како „Фајзер“, чија вакцина беше одобрена од Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) за адолесценти на возраст од 12 до 15 години.