Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во изминатата недела, тестирани се вкупно 13.742 примероци за коронавирус, со зголемување од 24,5 проценти во однос на eдна недела порано.

Регистрирани сe 2.036 нови позитивни случаи од 33 градови во државата.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца од 611,4/100.000 е регистрирана во Демир Капија.

Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 9 до 18 проценти, или во просек 14 отсто, идентично како минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (18,1%), 50-59 (17,9%), 30-39 (18,4%) и 20-29 (12,3%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години (2,0%) и 10-19 години (4,8%).

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 2.977 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 41,4% помалку во споредба со минатата недела.

Пријавени се 64 смртни случаи од 18 града, со намалување од 7,2 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 55 лицa биле над 60 години, 6 лица на возраст од 50-59 години и 3 лица на возраст од 40-49 години.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 25 до 31 јануари 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.

makfax.com.mk