logo
logo
logo

Здружено против нелегални активности во тешко пристапните предели на заштитените подрачја

Vecer | 21.05.2021

Здружено против нелегални активности во тешко пристапните предели на заштитените подрачја

Секој трет петок во месец мај низ светот се одбележува Денот на загрозените видови со идеја да се подигне свеста на јавноста за проблемите со кои се соочуваат овие видови и да ја поттикне да се вклучи во нивната заштита.

Живоиновиот смил од Националниот парк Галичица, салепот од Националниот парк Маврово и жолтата линцура од Споменикот на природата Вевчански извори се помалку познати примероци од ендемскиот див свет, кои можат да се најдат во планинските предели високи над 1650 мнв, во склоп на заштитените подрачја во Северна Македонија.

Жолта линцура од Споменикот на природата Вевчански извори

Заедничко за овие видови е тоа што имаат статус на загрозени видови. Дел од нив се наоѓаат на Националната црвена листа, па дури и на Црвената листа на Меѓународната унија за заштита на природата како видови кои треба да се заштитат.

Нивниот опстанок е под ризик поради нелегални активности на човекот како што е неконтролираното собирање, или пак уништување на нивните живеалишта. Токму ваквите активности ќе бидат во фокус на проектот „Здружено против нелегални активности во тешко пристапните терени на заштитените подрачја“ кој НатураМК го започнува во соработка со ЈУНП Галичица, ЈУНП Маврово и СП Вевчански извори.

Живоиновиот смил од Националниот парк Галичица

„Одбравме да работиме за високопланинските предели на заштитените подрачја токму поради тоа што се тешко достапни, а воедно и податоците кои се однесуваат за овие предели се ретки и површни.“ вели Анела Ставревска Панајотова од Натура МК.

„Тоа е во согласност со мисијата на Натура МК да нуди решенија со кои луѓето ќе бидат подобро поврзани со природата. Нашата визија е да создадеме поинаков свет во кој луѓето живеат во хармонија со природата.“, додава таа. Во идниот период, НатураМК преку социјалните медиуми ќе споделува информативни објави и видео со кои ќе ја едуцира јавноста да ги препознае нелегалните дејствија кои ѝ штетат на природата и да ја ангажира да се вклучи во борбата против нив. Воедно, ќе побараат начин за нивно решавање во рамките на локалната заедница, но и на ниво на национални политики.

Во одбележувањето на Денот на загрозените видови се приклучија и од Националниот парк Галичица.

„ЈУНП Галичица во последниве неколку години прави сериозен напор да го рефокусира управувањето од оддржливо користење на природните ресурси во интегрална заштита и зачувување на природните вредности на паркот кои биле причина за негово прогласување. Ваквата определба пропратена е со активности на повеќе полиња од зголемувањето на базата на податоци за природното наследство, промоција и презентација на вредностите за подигнување на свеста за потребата од нивна заштита и подобрување на непосредната заштита“, вели Андон Бојаџи, раководител на Одделението за заштита на природа при ЈУНП Галичица.

Од септември 2019 година, општина Вевчани го презеде управувањето со заштитеното подрачје Споменик на природата „Вевчански извори“. Според градоначалникот Сашо Јанкоски, предизвиците за справувањето со нелегалните активности од аспект на човечки, технички и финансиски капацитети се големи. Тој забележува дека добрата соработка со невладините организации, државните органи и меѓународните фондови е од огромно значење за успешно спроведување на Планот за управување со СП „Вевчански извори“.

„Примарната цел на визијата утврдена во Планот за управување е да се обезбеди заштита и зачувување на природното наследство и животната средина, притоа овозможувајќи услови за развој на одржлив еко-туризам во функција на локален економски развој и едукација со одржливо користење на природните ресурси. Целта на општина Вевчани со усвојувањето на оваа долгорочна визија е преку вклучување и активно учество на засегнатите страни, локалните чинители и невладини организации кои работат на ова поле, сè повеќе природните вредности да ги ставаат во функција на заштита, унапредување на животната средина и природата во локалитетот и пошироко“, изјави градоначалникот Јанкоски.

Активностите се дел од грантовата шема од проектот „Заштитени подрачја за природата и луѓето II 2019-2022 година“ спроведуван од Светскиот фонд за природа – WWF Adria, а поддржан од Шведската меѓународна агенција за развој и соработка – SIDA. Содржините и ставовите искажани се на авторите и не ги отсликуваат тие на SIDA.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk