ЕКСКЛУЗИВНО: Вечер во посета на Мавровско-горнореканскиот крај

Зборуваме албански, но ние сме Македонци и мајчин јазик ни е македонскиот!

Во ниту една црква во Мавровско-горнореканскиот крај, никогаш немало поп кој држел служба на албански јазик, ниту пак ќе дозволиме такво нешто. Всушност немало ниту потреба, бидејќи ние сме Македонци со православна вероисповед и мајчин јазик ни е македонскиот, вели Ангеле Пејовски, кој е ктитор на манастирската црква посветена на Свети Никола Летен, изградена на ридот на влезот на Трница

Жителите на Мавровско-горнореканскиот крај, по најавата дека Синодот на МПЦ-ОА донел одлука за одржување на служби на албански јазик за населението кое себеси се нарекуваат Албанци со православна вероисповед, се кренаа на нозе. Велат дека такви меѓу нив нема ниту пак имало и дека со векови наназад не паметат дека некогаш во црквите се служеле богослужби на албански јазик. Велат дека сето тоа е производ на платена политичка и верска пропаганда која има многу длабоки корени.

Екипа на "Вечер" вчера беше во посета на неколку села од овој крај и разговараше со мештаните. Меѓу нив и осумдесет и петгодишната баба Вида која само ни го потврди горепишаното.
-Ние не сме Албанци, никогаш не сме ни биле. Родена сум во Кракорница, по мајка сум од Бродец, мажена во Беличица. Мајка ми се викаше Марија, татко ми Павле, дедо ми Јован, бог да ги прости. Зарем овие имиња ви личат на албански? Ние сме Македонци со големо М. Точно е дека зборувам албански, сме зборувале дома, но, мајчин јазик ни е македонски. Во училиште сме учеле на македонски јазик, ни раскажа оваа мудра старица на која годините не и ја поматиле мислата. Се присетува дека во селото живееле и Албанци но, тие си имале свои адети, свои обичаи, а Македонците свои. Никогаш не се мешале. А сите заедно, оделе во исто училиште и учеле на македонски јазик, вели Вида.
Служби на албански јазик не памети и нема да дозволи ниту нејзиниот син Ангеле Пејовски, кој е ктитор на манастирската црква посветена на Свети Никола Летен изградена на ридот на влезот на Трница. Вели дека традицијата во овој крај е светиња и дека таа ќе се држи се додека постои и последниот човек кој во своите гени го носи овој крај.

Во овој крај не е користено албанското писмо
-Во ниту една црква во Мавровско-горнореканскиот крај, никогаш немало поп кој држел служба на албански јазик, ниту пак ќе дозволиме такво нешто. Всушност немало ниту потреба, бидејќи ние сме Македонци со православна вероисповед и мајчин јазик ни е македонскиот. Доколку некој се чувствува како Албанец со православна вероисповед нека си изгради црква и нека си организира служби на албански, немам против, вели Ангеле.

Православни светилишта

Заедно со него и со членовите на Здружението Мавровско-рекански регион тргнавме во обиколка на најстарите православни светилишта кои се обележје на овој крај. Една од нив е црквата во Врбен изградена пред два века. Таму не пречека Паскал Глигоровски, син на последниот поп во селото Поп Јован. И тој беше зачуден од одлуката на Синодот за држење на богослужби на албански јазик во црквите каде отсекогаш се негувале македонските православни обичаи.
-Се плашам дека мојот покоен татко сега се превртува во гробот, покажувајќи кај споменикот на поп Јован во црковниот двор. Тој завршил попско училиште во Тирана и оттаму се вратил во ова село за да држи проповеди, но не на албански, туку на црковен старословенски јазик. Гледате се е напишано на наш, македонски јазик, вели Паскал.
Црквата во денеска празното село Беличица е нем доказ за некогашниот злостор што го направиле качачките банди кога го запалиле и изгорело до темел. Македонците, раскажуваат нашите домаќини, зборувале на албански за да се заштитат од качачките банди бидејќи отсекогаш биле нивни жртви. Ги палеле, ги ограбувеле, ги убивале...

Од Здружението Мавровско-горнорекански крај велат дека нема да се откажат од борбата против ваквата наметната пропаганда со длабока политичка, односно верска позадина.
-Напротив, ние како здружение ќе иницираме Тетовско-гостиварската епархија да се преименува во Тетовско-гостиварска и Мавровско-горнореканска епархија. Бидејќи срцето на православието на оваа територија после Лешок се наоѓа во овој регион и Бигорскиот манастир. Тоа е од стратешка важност за целото христијанско население и за државата, вели Гоце Трпковски. Тој потенцираше дека историските податоци говорат дека пред неколку века во времето на Турската империја Албанците со одлука на Султанот овој регион наречен Река им е даден на управување на Албанците.
-Кога во тоа време, пред двесте, сто и педесет, сто години, не се учело на албански јазик, кога во тоа време се правеле свадби со македонски обичаи, кога во тоа време се држела литургија на старословенски или на македонски јазик, кога во тоа време на надгробните плочи, на фреските, иконите во црквите, по светите води, се пишувало на македонски и старословенски кога во тоа време ова население не успеало да се асимилира, штета е и греота ние, помладата генерација да дозволиме тоа да се случи. Да дозволиме во 21 век, некој си квази историчари платеници да не асимилираат. Ние како генерација, како здружение нема да дозволиме такво нешто на оваа територија, особено манастирот Свети Јован Бигорски да биде прогласен за седиште на албанското православие, вели Гоце.

 


Соживот и хармонија

Здружението за донесувањето на контроверзната и штетна одлука побарало од Синодот на МПЦ-ОА да ја повлече, но досега оттаму немаат ниту одговор ниту пак некој е повикан на разговор.
Во изјава за "Вечер# архиерејот на Тетовско-гостиварската епархија, владиката Јосиф вели дека нема да дозволи да се држат литургии без негова дозвола.
-Без мое знаење и одобрение никој не смее ни да помисли да дојде во Маврово да богослужи, изјави владиката Јосиф.
Здружението, пак испрати и апел до сите невладини организации и здруженија на албанците во западна Македонија, и на дел од актуелните политичари кои ја шират големоалбанската теза и пропаганда, да размислат дека не треба во 21 век да се прави обид за асимилирање на чистото македонско православно население кое долги години има соживот и хармонија со соседското албанско и македонско муслиманско население во нашата заедничка Река.

-Здружението Мавровско-горнорекански регион, го повикува надлежниот владика од Тетовско-гостиварската епархија г. Јосиф, да ги повика потомците на Јосиф Багери, и во нивна консултација нека одржи панихида на јазикот што тие сами ќе одлучат. Велат дека имаат информација дека во оваа пропаганда која допрва ќе заземе замав се вложени големи пари од надвор.


 

Шкрети - етнички Македонци кои го прифатиле албанскиот јазик

Шкрети е македонски назив за етничките Македонци, кои го примиле албанскиот јазик и кои во Република Македонија живеат во областа Горна Река (Мавровско, денеска општина Ростуше-Маврово).
Етимологијата на македонскиот збор шкрет потекнува од гегскиот (албанскиот) збор ШКЈА, кој означува Словен. Самите Албанци (геги) ги нарекувале етничките Македонци кои го примиле албанскиот јазик ШКЈА или СКЈА т.е. Словени, за да се разликуваат од етничките Албанци. Но, шкрети нема само во Горна Река, туку албанизирани Македонци во најголем број живеат во Голо Брдо, околиите на градот Коњух (преименуван од Отоманците во Елбасан), Белград (преименуван од Отоманците во Берат), Горица (турски Корча), Бобовишта, Поградец, Девол, итн.
Поконкретно, ШКЈА е термин кои гегите (Албанците) го користеле и за сите останати словенски народи. Српскиот етнолог Јован Цвијиќ, забележал дека Албанците ги нарекуваат и Србите и Црногорците "само Шкја, Скја и никако поинаку".
Општопознато е дека Македонците, како христијани во Отоманското царство, трпеле големи зулуми од страна на исламизираните Албанци, кои биле главни отомански сојузници на Балканот. Поради тие притисоци, за заштита на својот живот, голем дел од Македонците од западна Македонија и она што денеска е држава Албанија се исламизирале, а оние кои останале верни на својата прадедовска христијанска вера, само го прифатиле албанскиот јазик.
Се претпоставува дека шкретите го прифатиле албанскиот јазик во 19 век

Елизабета АРСОСКА
Фото: Наке БАТЕВ

Поврзани

Најнови вести

Коментари