logo
logo
logo

Извештај на Завод за ревизија: СКАПО ПЛАТЕНИТЕ реквизити за Забавниот парк во Скопје СКАПУВААТ

Vecer | 06.12.2022

Извештај на Завод за ревизија: СКАПО ПЛАТЕНИТЕ реквизити за Забавниот парк во Скопје СКАПУВААТ

Заводот за ревизија денеска го објави ревизорскиот извештај за трошењето на градскиот буџет на Град Скопје за 2021 и една од констатациите е дека Забавниот парк кој требаше да го добие главниот град не е никаде на повидок, иако се платени високи суми на пари за 7 реквизити кои скапуваат по царински депоа.

Во прилог на тоа, ДЗР ги објави и фотографиите објавени погоре, на кои може да се види како се третирани реквизитите. Од таму велат дека градското претпријатие „Паркови и зеленило“ им наплаќа закуп на летните дискотеки наместо истото место да се расчисти за забавните содржини.

Површината од 84.040 м2 претходно му била доделена од Владата на Град Скопје. Првиот договор од 2017 за изградба на „Луна Парк“ и монтирање на реквизити требало да чини 400.000.000 денари.

За уредувањето на просторот биле доделени 101.417.000 денари со вклучен ДДВ, но целата површина не е опфатена затоа што дивите дискотеки го узурпирале просторот со бесправно изградени објекти.

„За набавка, транспорт и монтажа на 7 реквизити за забавен парк, по оглас за јавна набавка, спроведена е отворена постапка и склучени се договори со два економски оператори, носители на набавката во вкупна вредност од 130.485 илјади денари со пресметан ДДВ, во кои е утврдено, реквизитот кој е предмет на набавка да биде испорачан, монтиран и ставен во употреба во рок од 180 дена сметано од денот на доставување налог за набавка. Со увид во документацијата, ревизијата констатираше: - изведувачот на градежни работи, воведен е во работа без претходно да биде расчистена градежната парцела и иселени ноќните клубови, што има влијание на изведбата од само 61% од договорот и немање можност за издавање налог за поставување, монтирање и пуштање во употреба на набавената опрема (реквизити)“, констатира ревизорот.

Поради тоа, не е извршен квалитативен и квантитативен прием на набавената опрема за која се исплатени средства во износ од 104.389.000 денари, односно 80 отсто од вредноста на склучените договори.

„Еден реквизит е сеуште под надзор на царинската управа бидејќи не е платена царина и увозни давачки, а останатите 6, се во лоша состојба изложени на надворешни влијанија се наоѓаат во магацински простор (отворен и затворен) во два јавни царински складови за кои се плаќа складишнина“, пишува во извештајот.

Советот со доаѓањето на Петре Шилегов како градоначалник прифатил донација за идеен проект, студија изградба на нов тематски забавен парк на истата површина и градежна парцела со проценета вредност од 720.000.000 денари без пресметан ДДВ и набавка на нови 20 реквизити, со реализација по фази во период од 2019 до 2021 година

Во меѓувреме поднесени се тужби и поведени се судски постапки за раскинување на договорите од страна на добавувачите за набавените 7 реквизити.

„Градот Скопје сеуште нема забавен парк, а потрошени се буџетски средства за набавка на опрема за која постои ризик од техничка неисправност истата да биде ставена во употреба, неизвесност по основ на поведени судски постапки, што упатува на недомаќинско работење и занемарен јавен интерес“, објави ДЗР.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk