Нова реалност, новата перспектива

Заев се обрати како Премиер на Република Северна Македонија – еве што порача (ВИДЕО)

По големата одлука во нашиот Парламент ги разбивме сите дилеми и си потврдивме дека заедно ја движиме нашата земја во иднината што ја посакуваме, македонска држава, како држава на европското семејство и членка на НАТО, кои не прифатија како Македонци со свој идентитет и со своја гордост, земја во чиј идентитет се вградени и идентитети на сите нејзини граѓани, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите други кои живеат во нашата Македонија.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција по вчерашното изгласување на измените на Уставот за спроведување на Договорот од Преспа, потенцирајќи дека со одлуката за измена на Уставот започна спроведувањето на македонско-грчкиот договор за членство на Република Македонија во НАТО и во ЕУ.

Уставните измени за Договорот од Преспа што беа изгласани вчера во Собранието денеска ќе бидат објавени во Службен весник на РМ, по што според премиерот Зоран Заев на почетокот на следната недела македонското Министерство за надворешни работи ќе испрати нота до грчкото МНР за да ги известат дека е завршен процесот.

– Договорот стапува во сила откако ќе биде ратификуван во грчкиот парламент. За меѓународна употреба стапува веднаш, за домашна употреба со отварaње на поглавјата не повеќе од пет години што е опишано детално. Но дефинитивно, тоа е решението кое го прифативме и кои ги отвора перспективите на целиот наш народ и нашата земја, рече Заев меѓу другото и додаде оти не е потребен потпис од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Овие денови, потенцираше Заев, заедно со нашиот пријател Грција ќе ги отфрлиме изолацијата и недоразбирањата и заеднички ќе го потврдиме историскиото решение.

– Убеден сум дека и пратениците во грчкиот Парламент ќе ја препознаат и нивната голема улога во овој историски момент. Силно верувам дека нашиот пријател Грција ќе го ратификува Договорот од Преспа и ќе биде првата земја која ќе го потпише протоколот од НАТО, а потоа ќе ги поведе останатите земји членки на Алијансата за да бидеме 30. земја членка на НАТО, рече Заев.

Со решавањето на спорот со Грција, истакна Заев, веќе немаме ниту едно отворено прашање, со ниту еден сосед.

Одговарајќи на новинарски прашања нагласи дека сериозно ќе размислат за барањето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицкоски за предвремени парламентарни избори.

– Мојот став го знаете. Македонија треба да го искористи ова пред се за економија, реформи, да го средиме нашиот систем и да бидеме нормална земја. Сите знаат, знам и јас, и господинот Мицкоски, тоа што го бара моли бога да не се случи. Но бара првиот човек на опозицијата. Затоа сериозно ќе размислиме и ќе го отвориме најбрзо во највисоките органи и тека на СДСМ, ќе го отвори СДСМ ова прашање, следуават претседателски избори и е вредно за размислување како прашање затоа што не сакаме да оставиме каква било трага на пренемагање, уцени или што било во општетсвото, рече Заев.

Апелираше до опозицијата постојано да повикува на одговорност од власта, да го испорача тоа што е ветено, но да заборават на опструкции.

– Не го попречувајте прогресот. Не можете повеќе да ја избегнувате вашата одговорност кон земјата. Бидете дел од новите поглавја во македонската иднина, рече меѓу другото Заев.

Тој се заблагодари на секој пратеник за, како што рече, оваа голема и одговорна одлука. Знам, наведе, колку беше тешко да се направи тоа, ја чувствувам и ја разбирам и горчината, но и гордоста на секој граѓанин од огромното мнозинство за одлуката да се прифати овој исчекор за доброто и иднинатата на нашата земја и на нашиот народ.

– Горчината ја оставаме во минатото и со гордост гледаме во иднината напишавме историја и ги отворивме новите бели страници на нашата иднина за испишување на нова реалност, новата перспектива на Република Северна Македонија земја членка на европскотото и евроатлантсткото семејство, рече Заев.

Тој посочи дека сега е време за промени за да се обезбеди подобар живот за сите граѓани, растечка екеномија, подобри плати, подобар здравствен систем, социјална правда и правен систем во кој ќе имаме доверба. Позитивни промени и подобрувања, потенцира Заев очекува од сите министри, градоначалници и на сите одговорни поединци во јавната админситрација им порача оти неговите очекувања се да работата поефикасно и пофокусирано, за да се направи животот на граѓаните подобар.

– Испорачајте, граѓаните нема да прифатат какви било одоговлекувања, нема да прифатам ниту јас, е пораката од премиерот Заев.

Сите заедно, побара Заев, треба да се спротивставиме на корупцијата, изразувајќи очекување Собранието да ги донесе законските измени за Антикорупциската комисија, со кои ќе се добие силно, независно регулаторно тело кое, рече, пркоси на секој функциониер, поединец или организирана група кои имаат намера да стакнуваат корист врз грбот на граѓаните.

На прашањето од новинарите во однос на правниот систем, според Заев, правниот систем веќе испраќа сериозни пораки за враќање на правдата во државата.

– Затоа по цена на политичкиот ризик тргнавме преку политичкиот систем, Влада и Парламент. Амнестијата таму ја донесовме. Знаете дека тоа носи одговорност и негативни поени за политичарите и за мене и за Владата. Но, не дозволивме да се чепне во правниот систем. Убеден сум дека во целата оваа постапка може да се издигне, да се постави нашиот правен систем, рече Заев и ги охрабри сите во судството, во обвинителството да делат правда.

Премиерот Заев испрати и порака до граѓаните на Грција дека Договорот е договор за пријателство, со што се отвораат огромни перспективи за сите, а Грција повторно станува, подвлече, еден од највлијателниот партнер во целиот регион, а со договорот се придонесува за траен мир и стабилност, како и економски просперитет.

Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата рече дека не се чувствува како уценет политичар после сите случувања во текот на преговорите со Грција, амнестијата, преговорите со политичките партии.

- Најмногу не, а и сигурно не, заради тоа што се што работевме во Македонија работевме максимално транспарентно, рече Заев.

Граѓаните, дополни, ги знаат деталите и секогаш бевме дури на ивицата да го загрозиме процесот на преговори со Грција кога споделувавме се со граѓаните.

– Целиот процес секој мора да потврди дека го водевме максимално транспарентно и одговорно знаејќи колку е голема цената за иднината на оваа наша земја, но и колку е горка одлуката што треба да се донесе. Но, не е лесно и во Грција, гледате. Тоа само по себе прво потврдува дека имаме фер и праведен договор, добар и исклучително само добар за двете земји. Реакциите на двете опозициони партии е исто така потврда и во Грција и во Македонија дека буквално се работи за исти придобивки на двете страни. Истовремено целиот овој процес што се случуваше во Македонија го водевме максимално транапарентно и со политички алатки, не со алатки на правосудството, не со алатки на не знам кои други – директно чесно, транспарентно, јасно закони донесовме, одлуки донесовме што зависат од нас политичарите, појасни Заев.

Изрази убедување дека и дома може да се помириме како што го направивме тоа со соседите како што е Грција со која си подадовме рака за толку чувствителен проблем.

– Во државата останавме 1,5 милиони можеме да се помириме секако преку јасна одговорност внатре, преку транспарентно поставени процеси заради тоа што, реков, со Законот за амнестија ова е само почеток на помирувањето. Младите мора да ни се помират и меѓу ВМРО и СДСМ и меѓу Македонци и Албанци, и меѓу градови и села. Насекаде. Имаа брат со брат заради политика не разговараат. Тоа не е здраво. Не носи тоа прогрес. Мораме општините да ги здушиме. Има советници коишто се во војна како и ние тука во Парламентот. Политичка волја, оти ние во раководните структури на општинско ниво и на државно ниво испраќаме пораки и до нашите млади на улицата, во селата, во градовите како треба да се однесуваат граѓаните. Помирувањето е здраво и и треба на Македонија. Транспарентно ќе го правиме паралелно со сите овие економски реформи, економски прогрес и сите други реформи коишто ќе се случуваат во Македонија, појасни премиерот.

Прашан дали е свесен оти ќе плати политичка цена за ова што го прави, Заев дециден дека тоа е оценка на граѓаните, кои своето ќе го кажат на избори.

– Моја задача е тоа што го правам го најавувам, транспарентно се прави и граѓаните носат оценка. Тие може да не се согласуваат со Зоран Заев да отвори еден ваков процес на помирување на пример, и тие своето ќе го кажат на првиот мегдан на избори. Денеска во Македонија го кажуваат на сите можни начини, преку вас медиумите, Фејсбук, Твитер, преку сите можни аспекти, но ќе се согласите, огромно мнозинство дава поддршка на ова што се случува во државата. Дваесет и седум години чекавме застанати овде буквално во место додека светот оди напред. Младите ни бегаат секој ден. Задача е да обезбедиме амбиент. Ова е делот на амбиентот. Останатиот дома сами мора да го обезбедиме. Пријатели имаме, видовме од секаде, но работата што мораме дома сами да ја завршиме е наша работа, рече Заев.

Според него, политичари коишто се за граѓаните и за државата носат одлуки без разлика на политичките поени што ги добиваат или ги губат или ќе ги сменат, ако државата оди напред.

– Политичари има и ќе има, ќе доаѓаат но сите ние ја создаваме матрицата на денешното живеење и испраќаме порака кон младите генерации каква земја, какво општество им ставаме. Дали е тоа вредно во нивните размислувања е доволно за да останат дома или е невредно за да бидат разочарани па да гледаат само иднина надвор, изјави Заев на денешната прес-конференција.

Фото: Влада на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Поврзани

Најнови вести

Коментари